Tрајковска: Луѓето се отуѓија, а бракот е исправен пред невиден предизвик
Oливера Трајковска, по професија теолог, а воедно и автор кој неколку години ги истражува депресијата и она што луѓето во нашето општество ги засега вели дека бракот како институција е исправен пред невиден предизвик.
Таа вели дека постојано сме сведоци на енормен раст на бројот на разводи на годишно ниво и тоа веднаш, во првата година од стапувањето во брак, како и по повеќедецениски брачен живот. Трајковска констатира дека сè повеќе семејствата од функционални преминуваат во дисфункционални. Причините за развод се многу и со различна природа.

Таа додава дека многу често има и материјализирање на љубовтта, па така имаме предвреме искалкулирани бракови кои за кратко време се распаѓаат по првиот банкрот или караница.
Tрајковска објаснува дека факт е дека Македонија повеќе од една деценија е под силно влијание на западниот менталитет. Но, Македонија е и балканска држава со многу стереотипи и традиции, смета таа.
„Го имаме прифатено западниот режим на работа со македонски стандард. Симбиоза од тој тип е невозможна. Трка за пари од една страна затоа што општеството тоа ти го наметнува и традиционални гледишта во поглед на бракот од друга страна. Породилно отсуство кое трае девет месеци за разлика од европските држави каде што е две години. Невозможно. Треба многу да се работи на градење на сопствената свест, на созревање на личноста и тогаш да се донесе одлука за брачен живот. Колку и да има влијание однадвор, ако ние сме цврсти одвнатре тогаш тоа би било како кога ветерот удира во карпа и се одбива. Влијанија има, но ние треба да бидеме рационални и да носиме правилни одлуки. Луѓето се отуѓија, дури и во кругот на семејството. Недостиг на љубов и разбирање, непочит и недоволна грижа за другиот. Полека стануваме егостично настроено општество. Едноставно, секој за себе. Каде е другиот во целата приказна? Бракот подразбира заедница, споделување, грижа, љубов кон другиот. За да имаме успешен брак треба да се сакаме себеси и да бидеме самосвесни, така ќе можеме да ги сакаме и другите. Да не влегуваме во бракот со очекувања дека тоа е розева бајка, туку напротив да бидеме подготвени за голем предизвик. Да бидеме спремни за многу падови и станувања држејќи се за рака или потпирајќи се на рамото на другиот. Да се вљубуваме во својот избраник/чка барем еднаш годишно и тоа секојпат во некоја новооткриена негова карактеристика. Бракот како институција треба да биде само официјален потпис на веќе изградена заедница на темелите на љубовтта“ – вели Трајковска.
Според податоците на Државниот завод за статистика, во третото тримесечје од 2017 година се регистрирани 399 разведени бракови, што претставува зголемување од 27.1% во споредба со истиот период од 2016 година. Најголем број на разводи вообичаено има во Скопје.
Сања Атанасовска