Трајче Грозданов од Росоман ја тера 101-та година, во брак е 72 години и откри која е тајната на долговечноста
Трајче Грозданов ја тера 101-та година, а здрава храна и без нервози, е неговиот рецепт за долговечност. Цели 72 години е во брак со неговата сопруга Загорка, која е влезена во 94-та година од животот. МИА ги фотографираше во нивниот дом во Росоман.
„Се школував за авиомеханичар во Рајловац, Босна и Херцеговина. Во животот многу се движев, бев автомеханичар и по цел работен ден поправав комбајни и други земјоделски машини, во земјоделска задруга. Поправајќи, со часови се вртев околу најразлични машини, постојано во движење. Кога се пензионирав, години и години поминав во пешачење, со километри, секое утро од разденување, до изгревање на сонцето“, раскажа тој.
Рано легнува и рано станува, секогаш обрнува внимание добро да се наспие. Вели, има рутина во јадењето – оброци секогаш во исто време, последниот, лесен, неколку часа пред спиење. Никогаш не се прејадува. За појадок главно јогурт, лимон и мед, за ручек манџа со што помалку месо, вечера избегнува или каснува нешто лесно како варен ориз или компир или само овошје или домашен компот. Не сака пржена храна. Низ годините, многу од земјоделските производи што ги внесувал во исхраната, биле од домашно производство, без хемија.
Заедно со сопругата изгледале и одомиле четири сина, сега живеат со едниот од синовите и снаата. Низ годините, во регионот што е најпознат по производство на праски во државата, заработувале и обработувале пиперки, афион, тутун, лозје. Но, ни кажа дека иако работеле со тутун и грозје, многу малку време во животот пушел цигари, а вино и ракија, дегустирал главно во младоста.
