ТРАГИКОМЕДИЈА СО ЕДЕН ЧИН: Наместо со СДСМ, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ се караат меѓусебно
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ и владејачките СДСМ и ДУИ вчера во парламентот со консензус донесоа неколку од законите од реформскиот пакет.
На овој чин претходеше недоверба, расправија, интерпелација.
Речиси без дискусија и со по 86 и 87 гласа „за“, попладнето беа донесени три закони за кои е потребно двотретинско мнозинство. Во обезбедувањето на кворумот за законите за заштита на сведоци, за формирање на новата Оперативно-техничка агенција (ОТА) и за следење на комуникациите асистираа пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, на кои ова им е втор работен ден по прекинувањето на петмесечниот бојкот, а откако синоќа не успеа интерпелацијата против Владата.
Законот за заштита на сведоци, кој се носи на барање на специјалното јавно обвинителство, помина во рамки на продолжението на 22. седница, а законите за ОТА и за следење на комуникациите беа изгласани на новата 41. седница, чиј дневен ред беше експресно исцрпен.
Но работата застана на клучните закони од областа на судството и обвинителството, за кои имаше информации дека се усогласени во работните групи меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Според неофицијални информации, за овие закони има неусогласеност меѓу пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, така што дел од нив се двоумеле дали да ги поддржат решенијата што беа договорени со владејачката партија.
Останува да се види до каде ќе тера ваквата ситуација.
