Трагедија во Росоман: убиена жена, осомничен е нејзиниот син
Во Росоман утрово се случи убиство во кое животот го загубила 54-годишна жена, а според информациите од полицијата, за случајот е лишен од слобода нејзиниот 27-годишен син.
Информацијата претходно ја потврди доктор Ратко Грков од Итната медицинска помош во Кавадарци, чија екипа интервенирала по повик од местото на настанот.
„Нашата екипа беше повикана и на лице место констатиравме убод со нож во вратот. Од повредата, жената починала на самото место“, појасни Грков за МИА.
Од Министерството за внатрешни работи соопштија дека на 30 март 2026 година, полициски службеници од ОВР Кавадарци го лишиле од слобода И.Р. (27) од Росоман. Според информациите, тој самиот го пријавил случајот во СВР Велес, посочувајќи дека околу 7:30 часот во семејниот дом со остар предмет ѝ нанел повреди на својата 54-годишна мајка, која им подлегнала на повредите.
Смртта ја констатирал лекар од Итната медицинска помош Кавадарци, а увид на местото вршат јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Кавадарци и увидна екипа од ОВР Кавадарци.
Против осомничениот ќе следува соодветна пријава.
