Економија, финансии, бизнис

Контакт

ТОШКОВСКИ ЗА БЕГСТВОТО НА БЛЕРИМ РАМАДАНИ: Определивте куќен притвор за странец

ТОШКОВСКИ ЗА БЕГСТВОТО НА БЛЕРИМ РАМАДАНИ: Определивте куќен притвор за странец

Определивте куќен притвор за странец, му одговори министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски на Кривичниот суд за бегството на Блерим Рамадани на Косово. 

„Факт број 1: Кривичниот суд определи куќен притвор за странец кој беше уапсен по меѓународна потерница од Интерпол. Факт број 2: Согласно член 163 став 5 од Законот за кривична постапка, „судот врши надзор над куќниот притвор, а надзорот може да го довери на полицијата, определувајќи го и начинот на неговото извршување“. Факт број 3: Во овој случај, во решението за куќен притвор на предметното лице, судот определил дека надзорот над куќниот притвор се доверува на МВР, СВР Скопје, ПС ОН Чаир, притоа не определувајќи го начинот на извршување, иако тоа е законска обврска согласно горенаведената одредба од членот 163. Факт број 4: Во моето повеќегодишно искуство како адвокат, се имам сретнато со решенија за определување на куќен притвор каде прецизно било определено на кој начин да се извршува надзорот од страна на полицијата. Факт број 5: Согласно досегашната воспоставена пракса, добропозната за Судот, при извршување на мерка “куќен притвор“, полицијата не го обезбедува 24 часа домот каде се извршува мерката, туку повремено, во определени временски интервали, ненајавено го проверува присуството на лицето во неговиот дом. И покрај тоа што судот не го определил начинот на вршење надзор, од страна на СВР Скопје во повеќе наврати биле вршени проверки, при што последната проверка е извршена на 13.08.2024 година, кога лицето било на предметната адреса, за што од страна на полициските службеници е изготвен и соодветен службен материјал“, вели Тошковски. 

Инаку, Рамадани избега на Косово, а Србија бараше одговори за бегството, затоа што го бара поради сомнежи за извршени злосторства врз Срби на Косово. Од Косово објавија дека тој е таму, дури негови блиски објавија и фотографии. 

Рамадани, врз основа на меѓународната потерница издадена до Интерпол од Србија, беше уапсен на 17 јули 2024 година на граничниот премин Јажинце и однесен на 30 дена екстрадиционен притвор во затворот во Шутка. Содржината на налогот за апсење се заснова на сомневањата на Србија дека Рамадани, како поранешен војник на ОВК, извршил воени злосторства во регионот на Неродиме.

На 1 август, мерката на Рамадани од надлежен македонски суд му беше преиначена од „притвор“ во „куќен притвор“ и тој беше упатен на адреса во Скопје. Со оваа одлука се предвидуваше тој да остане во „куќен притвор“ до 16 август. 

Слично

Поврзани вести