Тошковски: Во гостиварскиот водовод се врши плакнење и хиперхлорирање
Во градот Гостивар почна хиперхлорирање на водата и испирање на примарната водоводна мрежа.
Mинистерот за внатрешни работи Панче Тошковски се надева дека до крајот на оваа недела или почеток на наредната Гостивар ќе има техничка вода, а до крајот на наредната недела и вода за пиење.
„Преземени се технички чекори за чистење и испирање. Денес се изврши чистење на каптажата (изворот) и започна испирање на примарната мрежа. Поставен е систем за дополнително хлорирање (хиперхлорирање) на водата на самиот извор (со вредност 0,8), што е во рамки на законски дозволениот максимум и нема негативно да влијае врз здравјето на луѓето“, рече Тошковски.
Водата во Гостивар е забранета за пиење од 17 јули, откако инстутуциите утврдија дека пумпи 22 дена внесувале вода со фекалии во градскиот водовод. Заразени се над 3.000 граѓани, од 19 јули е прогласена епидемија, а на 21 јули Владата прогласи 30-дневна кризна состојба во градот.
Министерот за здравство Сашо Клековски претходно соопшти дека состојбата во Гостивар по кризата со водоснабдувањето постепено се стабилизира и дека нема нови хоспитализации на лица со стомачни тегоби. Тој најави дека сите резултати од анализите за исправноста на водата ќе бидат јавно објавени, но упати апел до граѓаните да продолжат внимателно да ги почитуваат препораките сè додека не завршат сите интервенции во водоводниот систем.
Тошковски е раководител на Управувачкиот комитет за координација и управување со системот за управување со кризи и и одржа прес-конференцција заедно со директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) и раководител на Главниот штаб за управување со кризи, Стојанче Ангелов, градоначалникот на Гостивар, Валбон Лимани и директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК) Мухамед Али.
фото ДЗС
