Тошковски вели дека обезбедувачот на Мицкоски е супспендиран, но дека не попречувал акција против дрога
Техничкиот министер за внатрешни работи, Панче Тошковски, денеска пред медиумите објави дека членот на полициското обезбедување на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, е суспендиран од работното место по напад на друг полицаец.
Инцидентот се случи вчера изутрина пред угостителски објект на територија на СВР Скопје, а за време на инцидентот еден полицаец нападнал друг, по што власта објави дека тој попречувал акција против дрога.
„Одреден припадник на МВР сторил насилство со која ја погазил честа на службите во министерството и Македонија како држава. Тоа лице ќе биде суспендирано од работа се до правосилна пресуда, а правосилната пресуда ќе биде донесена во рамки на постапка на Јавното обвинителство каде што МВР ќе поднесе кривична пријава за напад на службено лице“, рече Тошковски.
Привремениот министер додаде и дека, според неговите последни сознанија, полицаецот извршил насилство, но дека не му бил мотивот да попречи акција против сузбивање на нарко-мрежа.
- Не попречил акција за дрога, туку само нападнал полицаец. Точно е, сторено е насилство и напад на службено лице, ќе има суспензија, нема веќе да оди на работа, додаде Тошковски.
Претходно, со осуда за инцидентот се јави и ВМРО-ДПМНЕ од каде кажаа дека лицето кое било инволвирано во синоќешниот инцидент, ќе биде отстрането од обезбедувањето на лидерот Христијан Мицкоски и дека нема да има никакви работни ангажмани поврзани со претседателот на партијата. Од партијата велат дека тоа лице е ангажирано како дел од обезбедувањето, но не е шеф на обезбедувањето на претседателот на партијата.
