Тошковски: Со системот „Сејф сити“ ќе се казнуваат и непрописно паркирани возила
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска како одговор на новинарско прашање рече дека со имплементацијата на системот „Сејф сити“, покрај возилата во движење, ќе се казнуваат и тие што се непрописно паркирани.
- Дел од имплементацијата на „Сејф сити“ ќе бидат и возила кои ќе бидат опремени со паметни камери и при движење на сообраќајници ќе ги констатираат сите погрешно паркирани возила, по што тие ќе бидат процесирани во системот на обработка на податоци, рече Тошковски.
Министерот се согласува со констатацијата дека сепак во главниот град, како и во некои други градови, нема доволен простор за паркирање и дека паралелно треба да се работи на урбанистички предуслови.
Тошковски порача дека првите казни од „Сејф сити“ ќе почнат од 1 јануари 2026, иако функционирањето на системот ќе се случи порано.
- Во наредните месец дена ќе се работи интензивно на целокупната легислатива и до крајот на месец март ќе ја имаме првата верзија на сите закони кои треба да влезат во владина процедура, а до крајот на април во собраниска процедура.
Неколку месеци граѓаните прво ќе добиваат пораки со предупредување, а од 1.1.2026 ќе ги овозможиме законските услови тоа да биде онака како што треба, истакна Тошковски.
