Економија, финансии, бизнис

Контакт

АКО ВЕЌЕ ИМАТЕ ТЕРМИН ЗА ПАСОШ, ОД МВР ЌЕ ВИ СЕ ЈАВАТ И ЌЕ ВИ ПОНУДАТ ПОБРЗ ДАТУМ - пунктот веќе не работи без закажување

АКО ВЕЌЕ ИМАТЕ ТЕРМИН ЗА ПАСОШ, ОД МВР ЌЕ ВИ СЕ ЈАВАТ И ЌЕ ВИ ПОНУДАТ ПОБРЗ ДАТУМ - пунктот веќе не работи без закажување

Од утре, среда, (07.02.2024) пунктот за фотографирање за лични документи во ПС Пролет нема да работи без закажување, туку се трансформира во пункт за презакажани термини за сите оние кои имале резервиран термин за фотографирање на територија на град Скопје до крајот на 2024 година.

„Трансформацијата се прави со цел да се воведе ред наместо хаос и да се олесни и забрза добивањето на лични документи за жителите на Скопје. Граѓаните кои веќе имаат закажано термин ќе бидат контактирани од економскиот оператор задолжен за тоа и ќе им биде понуден нов термин во многу пократок рок“, се вели во соопштението.

Истовремено, оние ослободени термини добиени при прочистувањето на сите списоци ќе останат на располагање за идни резервации.

Од утре во склоп на пунктот во ПС Пролет ќе функционираат 14 базни станици, на кои ќе се врши фотографирање на граѓаните од понеделник до сабота, а од понеделник (12.02.2024) ќе се воведе и фотографирање во втора смена, велат од МВР.

„Ги известуваме граѓаните дека во наредните денови закажувањето на термини за фотографирање за лични документи ќе биде само телефонски, а закажувањето преку интернет поради технички причини нема да биде можно во наредните денови“, нагласуваат во соопштението.
Инаку, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, како што соопштуваат од неговиот кабинет, денешниот работен ден го почнал со посета на Отсекот за персонализација на лични документи во рамките на Одделот за информатика и телекомуникации на МВР, каде што се изработуваат личните документи.

„Од страна на раководството и вработените во оваа организациска единица беше запознаен со комплетниот процес на изработка на личните документи и се разговараше за преземање на определени мерки и активности насочени кон подобрување на овој процес и зголемување на капацитетот на изработка и испорака на документите“, се вели во соопштението од МВР.

Министерот Тошковски, како што потенцираат оттаму, изразил благодарност кон овие луѓе, кои, се вели во соопштението, и покрај тоа што секојдневно се соочуваат со разни проблеми, навистина вложуваат максимални напори за овој процес да тече непрекинато и со максимален капацитет.

Слично

Поврзани вести