Тошковски потврди: Гаши и свадбарската поворка не биле евидентирани во пасошка контрола, ќе следуваат казни
„Со извршените контроли во Системот за контрола на патници и возила утврдено е дека носителот на делегацијата, како и членовите на неговото семејство кои биле најавени дека ќе остварат излез, не евидентираат во системот за контрола на патници и возила.
Исто така констатирано е дека не е целосно запазена процедурата на евидентирање на сите лица и патници кои поминуваат на граничниот премин во системот за контрола на патници и возила.
За утврдените пропусти во работењето од страна на Регионалниот центар за гранични работи Север кон раководителот на смена на граничниот премин ќе бидат преземени соодветни мерки за утврдување на одговорност согласно Колективниот договор на МВР.
Она што е важно и кон што се стреми Министерството за внатрешни работи е законите да важат за сите исто. За секоја активност која не е во рамки на пропишаните законски и работни процедури мора да има конкретна индивидуална одговорност. Навистина поминаа времињата кога беше нормално полициски службеник заштитен од корумпирана власт да се впушта во активности кои ги надминуваат неговите законски овластувања и обврски. Никој не е, и не може да биде над законот.
Уште еднаш апелирам до сите полициски службеници да работат согласно законите и правилата и да ја одбијат секоја незаконска наредба или непринципиелно барање од било кого“, објави Тошковски.
