Тошковски ги посети пилотите на „Ер тракторите“: Платите им се мали, ќе има реформи
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски ги посети пилотите и екипажот на „Ер тракторите“ од Дирекцијата за заштита и спасување за да им искаже признание за храброста и пожртвуваноста во борбата со пожарите.
„Притоа, изразив жалење за условите во кои работат, како и недостигот на кадар во ова одделение и ниските плати.
Имавме можност да ги погледнеме ер тракторите, да поразговараме со пилотите и да се сретнеме и со екипите од Кипар и Германија, кои преку механизмот за цивилна заштита на ЕУ учествуваат во гасењето на пожарите.
Овие луѓе, од кои некои се вратија и од пензија, заедно со екипите на Одделот за воздухопловни единици на МВР и Воздухопловниот винг на армијата се хероите кои секојдневно се во битката со пожарите со кои се соочува нашата татковина“, објави Тошковски.
Министерот најави реформи на системот за справување со кризи, како од оперативен така и од материјално-технички карактер.
„Се сложивме дека потребата од реформата на системот е голема, а тие остануваат тука се додека е потребно, заедно да ги спасиме нашите шуми и природни богатства. Министерството за внатрешни работи останува со сите свои капацитети да учествува во гасењето на пожарите и во пронаоѓањето на лица кои учествуваат во нивно подметнување и ширење“, додаде Тошковски.
Од тројца пилоти со кои располагаше Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), оваа година остана само со еден, откако двајца исполнија услови за старосна пензија, но во меѓувреме беа повторно ангажирани поради големиот број на летни пожари.
Слично
