ТОШКОВСКИ ДЕМАНТИРА: Росица не му испратила порака, содржината не е веродостојна
На новинарско прашање за весникот „Слободен печат“, министерот Панче Тошковски, ја демантира информацијата дека убиената Росица испратила смс порака до него со која бара помош.
„Министерот Панче Тошковски категорично ги демантира наводите изнесени во јавноста, а воедно упатува апел овој трагичен настан да не се злоупотребува за дневнополитички цели“, се вели во одговорот што го испрати ПР-службата на Министерството за внатрешни работи.
На фотографијата која се споделува на социјалните мрежи, наводно е порака од убиената Росица К., која побарала помош од Тошковски и му образложила низ што се поминува.Според Тошковски, содржината на оваа порака не е веродостојна.
Велешанката Росица Коцева беше убиена на 15 септември заедно со татко ѝ во семејната куќа од страна на нејзиниот поранешен партнер, кој по убиството си го одзеде животот. Таа претходно повеќепати го пријавувала поранешниот партнер во полиција за различни дела, а против него биле покренати постапки од страна на Обвинителството.
