ТОШКОВСКИ - НАМЕРНА ЗЛОУПОТРЕБА НА ТРАГЕДИЈА ОД СТРАНА НА СДСМ: „Избраа да водат некрофилска кампања“
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, со остра реакција во врска со прашањата на СДСМ поврзани со случајот на Васил Јованов во затворот „Шутка“ кој добил пристап до мобилен телефон. Тошковски истакна дека во секоја правна и демократска држава, политичарите кои управувале со институциите седум години би требало да имаат барем основно познавање на нивната поставеност.
„Најмалку што може да се очекува е да знаат дека затворите не се во надлежност на Министерството за внатрешни работи, туку на Управата за извршување санкции, која е орган во состав на Министерството за правда“, рече Тошковски.
Министерот нагласи дека суштината не е во „незнаењето“, туку во нешто многу полошо – намерна злоупотреба на трагедија за собирање на евтини политички поени. „Наместо да покажат минимум човечност и емпатија, тие избраа да водат некрофилска кампања, со која на најмизерен начин се обидуваат политички да профитираат од туѓа несреќа“, рече тој.
Тошковски ја истакна потребата од правда, наместо политички театар. „Јавноста бара правда, а не политички театар. Навистина е срамно тоа што СДСМ и во оваа трагедија не успеа да покаже барем малку достоинство“, додаде министерот.
