ТОПКА, КАДИФЕНО МЕЧЕ И КУФЕРИ САМСОНАЈТ - ВМРО-ДПМНЕ жестоко ја нападна ексминистерката Стојчевска, таа вели: „Не ни имав време да трошам пари“
Пратеникот и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков, рече дека почнуваат со обелоденување на скандалот „Бисера Антоанета“, како и дека низ серија прес-конференции ќе презентираат во каков раскош живеела поранешната министерка за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска.
Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ денеска изјавија дека Стојчевска додека ја извршувала функцијата во Владата трошела пари од буџетот за лични потреби и луксузирања.
„На почеток сакаме да нотираме дека согласно уредба е регулирано трошоците кои ги прави министерот за култура на месечно ниво да не можат да надминат 60 евра во денарска против вредност. И дека тие треба да направат раздолжување во благајничката каса во рок од 7 дена по завршувањето на службениот пат. Бисера Антоанета во неколку наврати го пречекорила дозволеното ограничување, а се раздолжувала и по неколку месеци“, рече Лефков.
Денеска во првиот случај што го презентираат, Лефков изнесе тврдења за трошоците што ексминистерката за култура ги направила за време на четиридневниот службен престој во Лондон.
„Имено во октомври 2023 година министерката Бисера Антоанета остварила службено патување во Лондон во траење од 4 дена, и тоа од 24.10.2023 до 27.10.2023 година, покрај трошоците направени за хотелско сместување, во патниот налог има приложено сметки за репрезентација, но при увидот на содржината на сметките за репрезентација и увидот во приложените сметки од службената картичка ‘Виза’, се констатира ненаменско трошење на буџетски средства спротивно од прописите“, рече пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ.
Според него, за четири дена во Лондон Костадиновска-Стојчевска потрошила 714 фунти од службената картичка или 51.169 денари. Пратеникот во детали наведе за што, во кои продавници и колку службени средства потрошила ексминистерката за купување - од фудбалска топка, кадифено мече „падингтон“, куфери „самсонајт”, до чорапи, хулахопки и подароци од „Warner Bros. Studio Tour London: Harry Potter“. За дел од потрошените службени средства, конкретно за сума од 146 фунти, според Лефков, ексминистерката не доставила никаква сметка, туку само слипот од платежната картичка. „Сè на сè, за лични приватни потреби, Бисера Антоанета троши 714 фунти или пресметано во денарски парични средства 51.169 денари, за 4 дена во Лондон, пари со кои во Македонија се храни цел месец едно четиричлено семејство. Бисера Антоанета се расфрлала со народните пари, за лични задоволства. Ова е само почеток, во наредните неколку дена ќе покажеме до каде одела раскалашеноста на Бисера Антоанета и зошто велиме дека Македонија е ограбена држава“, рече Лефков. Екс министерката, пак, ги отфрли ваквите наводи како неточни и нецелосни, и вели дека тие се дел од „ниска мизерна кампања на ВМРО-ДПМНЕ насочена кон нејзина лична деградација“. Во изјава за ТВ Телма таа тврди дека нејзините трошоци биле транспарентни и согласно правилата. Го повика сегашниот министер Љутков да се посвети на подобрување на условите во куптурата наместо да верува во монтирани податоци. „Го охрабрувам ВМРО-ДПМНЕ, ако има било какви наводи за моја злоупотреба на државни пари, да постапи согласно закон и да покрене постапка, а не вака да ме деградира мене лично со измислување различни прекари. Тоа за нив не е чудно, но за јавноста и повеќе од половина милион кои ги гласаа навистина е смешно, зашто ништо од тоа што го тврдат не е точно. Мојата агенда за време на посетата на Лондон беше јавна и транспарентна. Може да се информираат дали јас сум имала време да направам толкав шопинг!,“, изјави за Телма Стојчевска.
