Топ причини зошто да го посетите Пелистер - Македонскиот зелен рај
На Баба планина во националниот парк „Пелистер“, на десетина минути возење од Битола можете да се сместите во хотелот „Молика“, единствен хотел и сместувачки капацитет во националниот парк. Нивото на сместувачкиот капацитет не е на нивото од пред дваесетина година кога беше најпрестижно и елитно сместувалиште. Но тоа ќе го компензира високопрофесионалната услуга на персоналнот и фантастичниот амбиент на убавата тераса затоа што ќе престане да ве мачи товарот на топлото време. Прекрасен амбиент.
Што да се прави во националниот парк „Пелистер“
Наједноставно и без никаков напор, уживање под столетните молики на само две-три минути од хотелот во најблиската шума. Може да ги окупирате клупичките или да си легнете во тревата и да уживате во ладовината и појот на птиците. Тука се и незаменливите капинки.
За оние што сакаат да рекреираат, но без многу напор тука се двете кратки патеки. Едната води во локацијата „Копанки“ каде порано беше планинарскиот дом, каде е воедно и финишот на ски –жичницата.
Таму е и споменикот на Димитар Илиевски – Мурато првиот македонски алпинист кој го освои Монт Еверест – покривот на светот, кој по освојувањето стана и негов вечен дом. До „Копанки“ ви требаат триесетина минути низ убавата борова шума. Другата лесна патека води од двестогодишната молика удолу кон Инфо центарот. Таа патека го симболизира фронтот од првата светска војна кој се протегал на овој дел од планината зашто бил стратешка точка за контрола на Битола стратешки град на фронтот.
На поставените табли низ фотографии и текстови може да ги обновите и збогатите своите знаења за овој важен настан од светската историја. Се од Инфо центарот каде може да се одморите на клупичките во сенките и да се освежите со освежителни пијалоци кои може да ги купите таму.
Од „Копанки“ тие што се подготвени можат да продолжат кон локалитетите „Јоргов камен“ и “Црвени Стени“, а оние најспремните планинари ќе ве поздрават на патеката која од таму тргнува кон врвот „Пелистер“ до каде се пешачи околу 4 часа.
Но има можност и за тие што не можат да пешачат долго по планината, а сакаат да ги видат убавините на планината. Има тура со теренско возило и таа чини стотина евра и вози до големото езеро, а попат помина и покрај малото езеро, двете познати „пелистерски очи“.
Дали сте го знаеле ова за „Пелистер“?
- Најужна планина со алпски карактеристики;
- Најстар национален парк во Р.Македонија основан 1948 година на површина од 12.500 хектари;
- Тука вирее петолисната молика вид на бор откриен на Баба планина пред повеќе од 130 години од германски ботаничар;
- Овој е ендемски вид на бор што расте само на неколку планини на Балканскиот полуостров;
- Во националниот парк живеат над 90 видови птици и 30 видови цицачи, од рибите тука живее и речна пелистерска поточна пастрмка ендемски вид.
- На „Пелистер“ растат 88 дрвни видови и ова претставува 29 отсто од вкупната дендофлора во Република Македонија.
Се надеваме дека наведовме доволно причини да го предизвикаме вашето внимание и да посетите овој македонски зелен рај, македонска гордост – националниот парк „Пелистер“.
