Економија, финансии, бизнис

Контакт

Tони храна на буниште, кој ќе и погледне на сиромаштијата во очи?

Tони храна на буниште, кој ќе и погледне на сиромаштијата во очи?

Сметки, комуналии, облека, а за храна она што ќе остане од платата.Вака илјадници семејства секој месец го кројат домашниот буџет. Според дел од граѓанските организации околу 445.000 граѓани имат проблем да обезбедат храна и во просек имаат по еден оброк во денот. Во исто време, се фрла помеѓу 4.500 и 6.500 тони храна, во вредност помеѓу 8 милиони и 11,6 милиони евра, која има потенцијал да нахрани околу 13.000 граѓани со три оброка дневно. Поразителните статистики ја искачија  Македонија  на седмото место во светот според количините храна која завршува на депониите.

Во меѓувреме, група ентузијасти и хумани луѓе секоја сабота на сиромаштијата и гледаат директно во очи. Групата  #Ретвитни оброк секој викенд подготвува околу 200 оброци за најсиромашните граѓани. Меѓу активистите е и Бојан Евкоски кој пред три  месеци се вклучил во хуманитарната група. Оттогаш вели секое слободно време го користи во хуманата мисија.

“Идејата Ретвитни оброк  почна со  еден твит напишан од еден од иницијаторите на оваа активност и  подоцна поттикна  лавина на реакции и понуди за доброволна работа од поединци, но и донации од компаниите. Мислам дека одзивот полека расте со секоја измината сабота во која ги делиме оброците. Сè повеќе луѓе дознаваат за оваа приказна преку социјалните мрежи, па така и поддршката расте. Сепак, хуманата страна на нас граѓаните не се буди едноставно и за тоа е потребна волја и способност да излеземе од нашата секојдневна перцепција во која малото ,,јас’’ е во центарот на светот. Потребно е да ја сфатиме состојбата на луѓето околу нас, без разлика дали станува збор за човекот со коишто живееме, нашите пријатели, колеги или оние кои немаат свој дом и секојдневно се борат за храна”-вели Бојан.

Секоја недела додава дека се прават  до 200 оброци. Во текот на 130 недели, илјадници граѓани се вклучиле  акцијата  преку готвење, донирање или делење храна. Фејсбук групата достигна преку 1500 членови.

“Во #РетвитниОброк сум вклучен три месеци, така што не сум дел од првата екипа која започнала со работа пред повеќе од две  и пол години. Идејата е споделувањето на храна по социјалните мрежи да се претвори во физичко споделување на оброк со оние на кои им е најпотребно, оние кои не можат да го обезбедат. Всушност, почетокот на оваа иницијатива е на Твитер, каде што токму ова мислење почнува да се шири меѓу првите членови. Овие млади ентузијасти решаваат да ги здружат своите сили и да ја остварат идејата”- потенцира Бојан.  

Секоја сабота повеќе од 150 лица доаѓаат по храна. За нив ова е сигурен начин да обезбедат барем еден оброк но и да почувствуваат радост и внимание дека некој се сетил на најзагрозените и сиромашни лица.

“Институциите досега се немаат приклучено во  реализација на акцијата, така што ангажманот е од хумани лица и сè почесто од разни ресторани, пекари и супермаркети кои ја поддржуваат идејата за искористување на вишокот храна за повисоки цели, отколку истата да се најде на некоја од депониите. Од друга страна, за прв пат е составена работна група во која учествуваат повеќе организации и иницијативи со цел да се состават предлог-закони што ќе го намалат фрлањето на здравата, неискористена храна од страна на правните лица кои се занимаваат со оваа проблематика (произведувачи на пакувана храна, ресторани, хотели, пекари итн. #РетвитниОброк е исто така дел од оваа работна група, по што се надеваме дека конечно ќе има законски измени со кои ќе ја дистрибуираме храната кон загрозените категории”- додава активистот од Ретвитни оброк.

Глетката секоја  сабота според него  е искуство полно со измешани емоции, но вели она што јасно се гледа е дека сиромаштијата е длабоко во нашето општество и за неа  нема лек и решение со магично стапче.

“Сите сме засегнати и сите сме биле, се наоѓаме или можеби ќе се најдеме во таква состојба. Суштината е во подигањето на колективната свест. Свеста за нашето единство и силна поврзаност, по која секој од нас треба да почне да трага во себеси, зајакнувајќи ја со секое наредно искуство. Битно е да се напомене дека во реализацијата на оваа акција сме заедно со невладината ,,Љубезност’’, со кои заедно ги делиме оброците. Тие се оние кои останатите оброци им ги даваат на луѓето кои не се во можност да дојдат на собирното место одејќи до нивните домови. Притоа, им помагаат за облека, мебел, покуќнина. Ќе завршам со мисла на еден понизен човек Далај-лама кој целиот свој живот го посветува во служба на другите: ,,Ако сакате другите да бидат среќни, практикувајте сочувство. Ако сакате вие да бидете среќни, практикувајте сочувство” – порачува Бојан Евкоски од #Ретвитни оброк. 

Слично

Поврзани вести