Економија, финансии, бизнис

Контакт

Тони Дескоски остро против Нацрт-законот за високо образование: „Се руши автономијата, се отвора врата за непотизам“

Тони Дескоски остро против Нацрт-законот за високо образование: „Се руши автономијата, се отвора врата за непотизам“

Професорот Тони Дескоски преку објава на социјалните мрежи упати остри критики кон Нацрт-законот за високо образование, оценувајќи дека предложените решенија сериозно ја нарушуваат автономијата на универзитетите и отвораат простор за непотизам.

Според него, на Правниот факултет во изминатите денови биле усвоени десетици забелешки на предложениот текст, при што најголемиот дел се однесуваат на суштинските новини во нацртот. Дескоски наведува дека обемот на критиките покажува оти документот е неквалитетен и дека не може суштински да се поправи со амандмани.

Тој предупредува дека со новите решенија се врши „корпоративно реструктуирање“ на универзитетите, со зголемени овластувања на ректорите и деканите, на сметка на колективниот принцип на управување. Според него, универзитетот треба да остане заедница на рамноправни професори, а не институција во која наставниот кадар е сведeн на извршител на одлуки на раководните органи.

Во својата реакција, Дескоски посочува и на изоставување на одредба од важечкиот закон од 2018 година со која се забранува вработување роднини во права линија на иста единица на универзитет. Според него, тоа може да отвори простор за вработување деца на професори на ист факултет.

Дополнително, тој ја критикува и одредбата што овозможува преминување професори од една во друга јавна високообразовна установа без конкурс и без спроведување постапка за избор, туку само со спогодба меѓу институциите.

Професорот смета дека единствено решение е нацрт-законот да биде повлечен и да се отвори широка јавна расправа за реформите во високото образование, со цел да се избегнат, како што наведува, штетни последици за универзитетскиот систем.


Слично

Поврзани вести