Толку беше, нема да има одговорност за скриените предмети против Рамиз Мерко
Специјално формираната комисија на Јавното обвинителство по извршениот вонреден надзор над работата на Основното јавно обвинителство Струга, Вишото јавно обвинителство Битола и на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, во јули објави дека бил извршен увид во 30-тина заведени предмети во кои е поврзан струшкиот градоначалник Рамиз Мерко, но изгледа дека по четири изминати месеци никој нема да биде одговорен за неспроведувањето.
Одлуката на Стејт департментот да го стави струшкиот градоначалник Рамиз Мерко на црната листа, меѓудругото, и поради влијание врз судски постапки, во јуни допре и до Обвинителството. Оттаму тогаш посочија дека по секој предмет кој се води против Мерко, ќе ја испитуваат законитоста и ажурноста, но и дали потпаднале под влијание.
„За сите обвинители за кои ќе се утврди дека постапувале неажурно, нестручно и потпаднале под влијание ќе се поведе постапка за одговорност, а јавноста ќе биде соодветно информирана“, рекоа тогаш од Обвинителството.
Веднаш по прогласувањето на Мерко за персона нон-грата од страна на Американскиот Стејт департмент, претставници на Судски совет беа во посета на Основниот суд во Струга за да проверат дали и какви пропусти се случувале. Претседателот на Судскиот совет, Сашко Геoргиевски, сега за Алсат М открива дека не било најдено ништо спорно.
„Од овие извештаи немаше некои посебни забелешки во однос на влијанија и незански постапки од страна на судиите“,
„Видете, тоа се судии и ако самите судии не си пријават влијание, тоа е проблем за личноста како судија“, рекол Георгиевски.
Како што Алсат веќе објави, со неодамнешните измени на Кривичниот законик, сите 16 активни предмети кои се водат против Мерко, најверојатно ќе застарат. Тоа значи дека тој нема да седне во судница за да му се суди за злоупотреба на службената положба според членот 353, кој со измените беше укинат.
