Тој е Македонецот што ја освои Данска: Бјонко Чалгија со балканска емоција стигна до врвот на музичките листи
Иако е роден и израснат во Данска, Бјонко Стошиќ Петерсен или познат како Бјонко Чалгија никогаш не ја изгубил врската со Македонија. Напротив, македонските корени, семејните вредности, јазикот, музиката и спомените од Битола станале дел од неговиот идентитет, но и од неговиот препознатлив музички израз. На социјалните мрежи потпишан како Бјонко Чалгија, тој е уметник кој успеал да го спои балканскиот темперамент со скандинавската дисциплина, создавајќи звук што допира до публика далеку надвор од границите на Балканот.
Неговата приказна е приказна за две култури, две средини и една силна емоција. Од Балканот, како што вели, ја носи импровизацијата, топлината и меланхолијата, а од Скандинавија прецизноста, истрајноста и професионалниот пристап. Токму тој спој му донел автентичност, но и место меѓу топ 5 на музичките листи во Данска – признание што за него е доказ дека музиката нема граници и дека искрената емоција секогаш го наоѓа својот пат до публиката.
Битола за него не е само град од семејните приказни, туку место на најраните и најтопли спомени: летни вечери, семејни собири, музика по улиците и чувство на заедништво. Токму таму ја почувствувал магијата на балканскиот звук и љубовта кон инструментот. Денес, кога свири балканска музика пред публика во Данска или кога се враќа во Битола, чувствува гордост, благодарност и одговорност да ја зачува приказната за своите корени.

Во интервјуто за Женски магазин, Бјонко зборува за Македонија, за мајка си како најголема инспирација, за предрасудите кон балканската музика, за признанијата, за младите музичари и за тоа како македонската душа може да се слушне и почувствува и илјадници километри далеку од дома.
ЖМ: Родени сте во Данска, но носите корени од Битола. Колку Македонија е присутна во вашиот идентитет, во музиката и во начинот на кој ја раскажувате својата приказна?
- Иако сум роден во Данска, Македонија отсекогаш била длабоко присутна во мојот идентитет. Домашната култура, јазикот, музиката и семејните вредности беа дел од моето растење. Во мојата музика секогаш има балканска емоција, таа искреност, меланхолија и топлина што ја носи македонската душа.
ЖМ: Какви се вашите најрани сеќавања од летата поминати во Битола? Дали токму таму се роди љубовта кон инструментот и балканскиот звук?- Моите најрани сеќавања од Битола се поврзани со летните вечери, семејните собири, музиката по улиците и чувството на заедништво. Токму таму ја почувствував магијата на балканскиот звук и љубовта кон инструментот. Тоа беше многу природна и емотивна врска.

ЖМ: Кога првпат сфативте дека музиката е ваш животен пат?
- Многу рано почувствував дека музиката не е само хоби, туку мој животен пат. Кога почнав да настапувам и да гледам како музиката ги допира луѓето, сфатив дека преку неа можам најискрено да се изразам
ЖМ: Вашиот звук ги спојува балканската емоција и скандинавската прецизност. Како успеавте да создадете стил што е истовремено традиционален, модерен и препознатлив?
- Мислам дека мојот стил природно се создаде преку животот помеѓу две култури. Од Балканот ја носам емоцијата и импровизацијата, а од Скандинавија дисциплината и прецизноста. Тој спој му даде на мојот звук нешто автентично и препознатливо.
Интервјуто продолжува на Женски магазин....