Тодоров: Русија го прифати Преспанскиот договор, Мицкоски уште не
Никола Тодоров, поранешниот министер за образование и здравство од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, рече дека е време Христијан Мицкоски, лидерот на најголемата опозициска партија, да ја прифати новата реалност во време кога Русија го признала Преспанскиот договор и новото уставно име.
-Јас се немам скарано со Мицкоски и одлуката да ме исклучат ме изненади, со оглед дека јас застапував став за референдумот во рамки на ставот на партијата: секој да постапи по свое уверување. Јас излегов и реков дека бојкотот не е правилен, и да се излезе и да се гласа со поништување на ливчето. Сега може да се протолкува дека во еден момент во историјата ВМРО-ДПМНЕ не била баш на вистинската страна. Доколку раководството не успее да фати приклучок во оваа поголема слика, тогаш ќе дојде до негова смена. Цел свет го поздравува Преспанскиот договор, дури и Русија го прифати. Доколку претендираш да станеш премиер, тие работи мораш да ги сфатиш. Ако како партија сте одбрале дека сте против тој Договор, тогаш пред меѓународната заедница треба храбро тоа да им го кажете: кога ќе дојдеме ние на власт, ќе го поништиме Договорот. Или доколку знаете дека Договорот е завршена работа, тогаш храбро треба на граѓаните да им кажете дека тоа е така. ВМРО-ДПМНЕ и да има 80 пратеници, нема да го поништи Договорот. Реперкусиите од тоа би биле преголеми, изјави исклучениот член на ВМРО-ДПМНЕ во синоќешната емисија „Печат на неделата“ на 1ТВ.
Околу сегашниот став на раководството и евентуалната одговорност, Тодоров со мислење дека ако не успее раководството да фати приклучок кон цела ЕУ и НАТО, односно оваа голема приказна, истото ќе треба да си поднесе одговорност.
- ВМРО-ДПМНЕ мора да биде модерна европска централно-десна партија, прво треба да се промени статутот на партијата, да се ограничи мандатот на лидерот до максимум два мандати, седмата година да почне процедура за измена на претседателот која ќе трае девет месеци. Да направи систем на контрола и кочници. Не треба и веднаш да го прогласи стариот лидер за почесен претседател на партијата, бидејќи може да се јави судир. Да се даде и поголема улога на женската организација. Треба да има и повеќе од 600 делегати. Потребно е да се направи и нова политичка доктрина, која не е базирана на историјата туку на иднината. Јас не сакам да зборувам за СДСМ, туку сакам ВМРО-ДПМНЕ да оди напред - рече Тодоров.
Тодоров се надева дека во Јуни ќе добиеме датум за преговори со ЕУ и тука ќе се отворат нов конекст на напредок на државата и дека овој начин на размислување не води никаде. Наведе дека ја прекинал комуникацијата со поранешниот премиер Никола Груевски уште додека тој бил претседател на партијата, но наведе дека не сака да ги открива причините за тоа.
