Тодоров до СДСМ: Престанете да го понижувате сопствениот народ
Денес Никола Тодоров во име на владејачката партија без посебен повод повторно ја нападна опозициската СДСМ обвинувајќи ја за лаги и манипулации на гласачите пред изборите и изговори за поразот со кој ќе се соочат. Главна тема е пречистувањето на избирачкиот список и наводите за 500 илјади фантоми.
„Една од главните причини со кои Заев го правдаше својот катастрофален рејтинг и бегањето од избори беа лагите и манипулациите со избирачкиот список. СДСМ две години ја лажеше буквално македонската јавност дека избирачкиот список имало половина милион фантоми.
Потоа раководството на СДСМ измисли дека на списокот имало 450.000 фантоми, па измислија дека имало 300.000 фантоми. Од ден во ден лицитираа со различни бројки, со нови бројки за на крај да дојдат до измислени 150.000 фантоми со кои наводно се обидуваа да го оправдаат поразот на изборите во 2014-та година. После почнаа да вршат дополнителни притисоци со нови лаги дека немало повеќе од 1,5 милиони гласачи. Сите се сеќаваме на тоа. Тоа се јавни искажани зборови од раководството на СДСМ, вклучително и највисокото раководство. Срамно и потценувачки кон сите граѓани на Република Македонија“, изјави Тодоров.
Главниот заклучок на Тодоров е дека СДСМ постојано лаже и така ќе продолжи и во иднина.
