TОЧНО НАПЛАДНЕ ЌЕ СООПШТАТ: Одлука дали Ковачевски, Вучиќ и Рама ќе одат на самитот во Брисел
Премиерот Димитар Ковачевски и неговиот албански колега Еди Рама, како и претседателот на Србија, Александар Вучиќ напладне ќе ја соопштат одлуката дали ќе учествуваат на самитот Европска Унија – Западен Балкан утре во Брисел.
Тројцата лидери ќе ја донесат одлуката по консултации со нивните влади и советници.
Лидерите на шесте земји од регионот се поканети на средба со лидерите на Европскиот совет, која треба да се одржи утре пред почетокот на редовниот јунски самит на Унијата, на кој ќе се разговара за проширувањето.
Во пресрет на самитот, на кој нема да се отвори кластер за Србија, надежите се полагаат во некои од предлозите кои сепак би го забрзале евроинтегративниот процес.
Вучиќ вчера телефонски разговараше со високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, Јосеп Борељ, кој изрази задоволство од постигнатиот напредок во дијалогот меѓу Белград и Приштина за усвојување на патоказот за имплементација на енергетскиот договор.
фото: Влада на РМ
