„Тоа што некој земал микрофон, а се однесува без основна култура и со политичка агенда, не значи дека е новинар, туку активист“: остри ракции по посетата на Тетово
Бурни реакции на социјалните мрежи по вчерашното скандалозно однесување на новинар од Тетово. Неговиот пристап кон министерката за образование, Весна Јаневска, поттикна лавина реакции во јавноста, но особено меѓу новинарската фела.
Дел од колегите му забележуваат поради обраќањето кон министерката, но и за прашањето: „Си зема преведувач министерке?“.
Поради ваквиот пристап, следуваа низа остри реакции од новинари и јавни личности, кои го осудија однесувањето.
- Коректно е медиумски организации, како што оправдано реагираат на однесување на институции и поединци кон новинарите, еднаш да излезат и осудат однесување на новинари. На страна и да им дадат совети и обуки, ако не им ги дале во редакција или на факултет.
На што личи обраќање на ТИ кон повозрасно лице или лице на функција? Тоа што не се согласувате со нечија политика може да го манифестирате дома, во приватен живот и зад гласачки параван. Никако во медиумскиот простор. Тоа што некој земал микрофон, а се однесува без основна култура и со некаква политичка агенда, не значи дека е новинар, туку значи дека е активист.
„Ти рековме да си земеш преведувач“ - кои сте тоа Вие што сте рекле и како случајно минатиот пат во исто време спуштивте микрофони?
Замислете обратна сцена - да тргнат новинарки и новинари Македонци да делат лекции на ТИ на политичари македонски Албанци. Ни тоа не го бива, ама само замислете го пред следен пат да прашате и наредите нешто на ТИ - напиша новинарот Алекснадар Методијев.
Со критика се огласи и и новинарката Емилија Лазаревска.
- Простак и кретен! Срам да ти е. Па мисли кој знае што направил. Која е оваа будала, што е овој? Срамота и овие околу него што си молчат. Затуцан еден, невоспитан. Па со „ти“ ѝ се обраќа на министерката, жена, веројатно е и повозрасна од него. Уф! Е во наше време ќе го „изедевме“ и немаше да му текне другпат да се појави, а не да изигрува шериф - гласи коментарот на новинарката Емилија Лазаревска.
Реакција имаше и фоторепортерката Арбнора Мемети.
- Ова однесување „ти кажавме“ најмалку наликува на некој што себеси се нарекува новинар. Новинарството не е нешто локално и не може да се извршува само во маало. Сакал некој или не, македонскиот јазик е повеќе од неопходен за вршење на оваа професија.
