Економија, финансии, бизнис

Контакт

Тивка магија во кадифен вокал – Велина (16) од Врање пее македонски изворни песни: „Тоа е музика која не поминува само низ слухот, туку оди директно до срцето“

Тивка магија во кадифен вокал – Велина (16) од Врање пее македонски изворни песни: „Тоа е музика која не поминува само низ слухот, туку оди директно до срцето“

Кога некој пее со душа, тоа не се слуша само со ушите – се чувствува со срцето. Морниците тивко се спуштаат по кожата, погледот се губи некаде далеку, а гласот како нежно да ја допира секоја скриена емоција во човекот. Постојат гласови што не пеат песна, туку раскажуваат приказна. Токму таков е гласот на 16-годишната Велина Стаменковиќ од Врање, Србија.

Кога ќе ја слушнете како пее, ќе почувствувате како времето за миг застанува. Нејзиниот кадифен вокал носи топлина, тага, љубов и некоја чудесна искреност што ретко се среќава кај толку млади луѓе. А кога на репертоарот ќе запее македонска песна, емоцијата добива уште подлабока боја – како да се будат спомени што никогаш не сме ги доживеале, а сепак ги чувствуваме блиски.

Младата уметница, која со особена љубов ја негува изворната музика, со секоја интерпретација успева да го растрепери срцето. Нејзиниот глас не остава рамнодушен никого – понекогаш носи тивка насмевка, а понекогаш и солзи во очите, без човек ни самиот да знае зошто. Тоа е онаа ретка магија што ја имаат само вистинските уметници.

Велина е ученичка во втора година гимназија, но и во втора година во Средното музичко училиште, отсек пијано. За неа музиката никогаш не била само професија или талент – таа е дел од нејзиното битие, нејзин најискрен јазик за чувствата што понекогаш зборовите не умеат да ги кажат.

Талентот за пеење го наследила од својот татко, а тој пак од неговата мајка – бабата на Велина. Љубовта кон музиката со генерации тивко растела во нивното семејство. Нејзината прва вистинска средба со музиката била уште кога имала само пет години, во црква, покрај својот татко.

„Таа слика и денес ми е пред очи – седам во неговиот скут покрај певницата, го слушам неговиот глас и се обидувам да го следам. Тогаш не размислував како пеам, едноставно чувствував. И верувам дека токму таму се роди таа најискрена врска со музиката – без страв, без размислување, само од срце“, раскажа Велина за Женски магазин.

За изворната народна музика вели дека „некако сама ме пронајде“. Во неа ја препознала емоцијата што ѝ е најблиска – нешто длабоко, искрено и трајно, како тивка песна што останува да живее во душата долго и откако ќе заврши мелодијата.

Иако денес со сигурност стои на сцена и плени со својот глас, Велина никогаш нема да го заборави моментот кога првпат застанала пред публика. Токму тој настап, иако детски и наивен, засекогаш останал врежан во нејзиното срце како миг кога сфатила дека музиката има моќ да допре до луѓето на најдлабок начин.

-Се сеќавам како да беше вчера. Имав пет години и настапував во Домот на војската во Врање, на хуманитарен концерт за семејството Антиќ. Бев мала, но тоа чувство не можам да го заборавам – срцето чука, сите гледаат во мене, а потоа во еден момент сѐ замолкнува и останува само песната. Мислам дека тогаш првпат почувствував колку музиката може да ги допре луѓето и колку навистина значи.

Велина со неверојатна зрелост зборува за музиката што ја носи во себе. За неа, изворната песна не е само мелодија, туку жив споменик на еден народ, чувар на емоциите, приказните и животите што останале вткаени во стиховите низ генерациите.

-Затоа што е искрена до самата срж. Во време кога сѐ е брзо и минливо, изворната музика останува – како траг на еден народ, една емоција, еден живот. Секоја песна носи своја приказна, нечија тага, љубов, чекање, радост. Кога ја пеам, имам чувство како да не пеам само јас, туку и сите оние пред мене кои ја носеле таа песна во себе. Тоа не е само музика, туку наследство што треба да се чува.

Доаѓа од друго говорно подрачје, но таа со неверојатна леснотија и чувство ги интерпретира македонските песни, како тие одамна да живеат во неа. Нејзините изведби на социјалните мрежи допреа до илјадници луѓе токму поради искрената емоција што ја носат.

-Тоа е еден посебен процес. Понекогаш со часови слушам стари снимки, барам, истражувам, се запознавам со различни интерпретации… а понекогаш песната едноставно сама ме пронаоѓа. Доволно е да ја слушнам и веднаш да почувствувам нешто – како да ме запира и ми вели „тоа е тоа“. Таквите песни не ги бирам со разумот, туку со срцето.

Објавите на социјалните мрежи, односно таканаречените „кавери“, почнав да ги правам од една искрена причина – песните кои полека заминуваат во заборав да ги сочувам, да ги обојам со мојот млад глас и да им дадам нов живот. Не ни претпоставував дека тоа ќе наиде на таков одѕив. Народот во Македонија, но и сите љубители на македонската и врањанската песна ширум Балканот, ја препознаа таа емоција и ме поддржаа на начин што навистина ме изненади. Добив огромна љубов и почит, а тоа многу ми значи, особено затоа што имам само 16 години.

Македонските песни не се лесни за интерпретација, особено за некој што не го говори јазикот секојдневно. Велина не ги пее македонските песни како странец што научил зборови, туку како некој што вистински ја почувствувал нивната душа.

-Не ми беше тешко, бидејќи самата македонска песна како да те води и ти покажува како да ги изговориш одредените зборови, а притоа да не го изгубат своето значење и емоција. Додека ја слушам, се трудам да го впијам секој нејзин детаљ – начинот на изговор, украсите, акцентите, сѐ она што ѝ дава душа. Верувам дека таквата музика не се учи само технички, туку се чувствува, и се надевам дека успеав да ја пренесам на вистински начин, со почит и искрена емоција.

Продолжува на Женски магазин....

Слично

Поврзани вести