Тито Петковски: Не го разбирам сервилниот однос на македонските здравствени власти
Претседателот на НСДП, Тито Петковски, синоќа упати критика кон, како што вели тој, македонските здравствени власти, за пасивност, кога станува збор за доведувањето на руската и кинеската вакцина против Ковид-19. Според лидерот на партијата која е коалиционен партнер во владеачкото мнозинство, власта премногу чекала и се држела до ЕУ по ова прашање.
„Вакцина! Ниту го разбирам, ниту го оправдувам сервилниот однос на македонските здравствени власти кон земјите од ЕУ, во врска со вакцината за заштита од Ковид. Не само што се затворени и себични, туку и навредливо се однесуваат и кон нашите граѓани и кон нашата држава. Замислете, јавно признаваат дека немаат доволно производство на вакцини за заштита ниту на нивното население и едновремено ни забележуваат нам, доколку бараме решение за заштита на нашето население надвор од ЕУ.
Нивните компании ќе испорачале вакцини за Македонија по задоволување на нивните потреби. Единственото објаснување е дека ние сме кандидат за членство во ЕУ и не било упатно да набавиме вакцини од Русија или Кина. Дрско и безобразно. Додека тие да ги вакцинираат и последните криминалци по затворите, ние не можеме, ниту здравствените работници, ниту најризичните групи“, вели Петковски во својот статус на Фејсбук.
Тој порачува дека најважна е безбедноста на граѓаните, а според него, руската и кинеската вакцина не заостануваат на ова поле во однос на оние кои ги произведуваат компаниите од Западот.
„Сакам да ги охрабрам нашите здравствени власти, да сторат се’ што е во нивна можност и во најкраток можен рок,да набават вакцини од производители кои се во состојба да ни ги испорачаат.
Ниту нивните животи се поважни од нашите,ниту пак,нивните вакцини се посигурни од оние на Русија и Кина,според оценките на самите западни производители“, тврди Петковски.
