ТИТО ПЕТКОВСКИ: Кога Захариева вели дека Бугарија не е осамена во спорот со Македонија, јасно е дека зад неа стои Германија
Бугарија не би можела да биде така силна кон Македонија, да стави вето, да инсистира на прашања од историјата и да навлегува во идентитетските работи, доколку зад неа не стои една Германија која го засилува своето влијание на Балканот, но и во Европа, вели Тито Петковски, долгогодишен политичар, лидер на НСДП, во разговор за порталот МКД.мк.
Според него, одговорот што премиерот на Хрватска Андреја Пленковиќ му го даде на пратеникот во Саборот Бојан Главашевиќ на неговото прашање што ќе стори хрватската влада за да ѝ помогне на Македонија, а во кој е наведено декаХрватска „ се залага за решавање на јазичното прашање“, и дека стапила во контакт со бугарски официјални лица, е само уште еден аргумент плус кој го потврдува неговиот став како оправдан дека зад таа политика кон Македонија во рамки на ЕУ Софија не е сама.
„Германија всушност не ја поддржа Македонија и таа практично застана зад Бугарија во спорот. Кога бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева вели дека Бугарија не е осамена во причините за спорот со Македонија, и дека зад неа стојат и други држави од ЕУ, таа всушност пред сѐ мисли на Германија. И кога Захариева говори за прашањата за историјата па и за јазикот, кои ѝ го наметнува на Македонија како услов за отворање на преговори, и тука ја наоѓаме врската со Германија. За среќа, се спротивставија Чешка и Словачка со многу јасни ставови дека овие прашања - историјата и јазикот не може да бидат услови за сопирање на европската интеграција и дека тоа е спротивно на Копенхашките принципи. Впрочем, со поставувањето на такви прашања се навлезе директно и во интересите на Прага и Братислава, бидејќи се повеќе од длабоки и нивните врски со Кирил и Методиј и просветителите се внесени и во нивните државни акти", вели Петковски.
