ТИТО ПЕТКОВСКИ БАРА: Референдум заедно со локалните избори за бугарските барања, бидејќи тие навлегуваат во суверенитетот
Претседателот на НСДП, Тито Петковски, смета дека треба да има консултативен референдум за наметнатите удлови од Бугарија за членство во ЕУ. Тој смета дека како носители на суверенитетот, граѓаните треба да го имаат конечниот збор. Тој размислува да ја покрене ваквата иницијатива бидејќи станува збор за прашања кои навлегуваат во сферата на инентитетскиот карактер на суверенитетот.
„Ние носиме идеја на локалните избори едновремено да направиме и еден консултативен референдум. И онака луѓето ќе излезат на гласање, и да ги прашаме граѓаните дали сакаат под овие услови што Бугарија ги нуди, да почнеме преговори за утврдување на преговарачката рамка. Само на тој начин одлуките на премиерот ќе имаат кредибилитет и поддршка од народот, ќе му ја олесним положбата. Во меѓувреме ќе има и попис на крај на септември и точно ќе видиме колкумина вде ќе се произнесат како Бугари, а ќе завршат и изборите во Бугарија, па да видиме дали има промени во ставот на новата бугарска Влада“, рече Тито Петковски од партиски настан во Тетово.
Тој, исто така, пред сопартијците порача дека давањето шанса на неопределените политички да ги артикулираат своите идеи, знаење и визии, ќе ја релативизира етничката и чисто партиската призма низ која партиите, а и граѓаните, гледаат на локалните избори.
„Во пресрет на локалните избори НСДП се отвора и кон граѓаните кои немаат партиски афинитети и се насочува кон мобилизирање на сите граѓани кои имаат идеи за унапредување на квалитетот на животот во општините“, рече претседателот на НСДП Тито Петковски на средба во Тетово со претседателите на општинските организации на партијата од шестата изборна единица.
