„ТИШИНАТА ЗАД ЗАТВОРСКИТЕ ЅИДОВИ ЗЕМА ЖИВОТИ ПРЕД ДА ИЗЛЕЗЕ ВИСТИНАТА“: Ивана Југ изрази сочувство за Кире Ѓорѓиевски
Ивана Југ, опругата на Игор Југ - осуден за упадот во Собранието на 27 април, кој исто така почина, преку социјалните мрежи изрази сочувство за Кире Ѓорѓиевски, уште еден осуден во предметот, кој почина во штипскиот затвор.
„Со длабока болка и искрено сочувство. Ноќеска не напушти Кире - уште еден од осудените во истото политичко дело во кое беше осуден и мојот сопруг. Судбината, за жал, повторно ја отвори раната. Истата приказна, истата неправда, истата тишина зад затворските ѕидови што зема животи пред вистината да излезе на виделина. Игор не ја дочека правдата! Замина со болка, со вера дека еден ден вистината ќе победи. Сега, кога слушам дека и Кире го заврши својот живот во истите околности, срцето ми се кине — затоа што знам што значи тоа. Знам што значи да изгубиш човек зад решетки, во тишина, без правда, без мир“, напиша таа на Фејсбук.
Упати сочувство и до семејството на Ѓорѓиевски.
„На семејството на Кире им упатувам најдлабоко сочувство. Нека Господ им даде сила да издржат во овие тешки моменти, како што секој ден ние се бориме да го носиме споменот за нашите најмили. Нека почива во мир, а вистината нека најде пат до светлината. Зашто вистината не умира - само чека некој да ја чуе. Почивај во мир, Кире! Во вечен спомен на Игор - и на сите кои неправдата ги одзеде предвреме“, додава Ивана Југ.
