Економија, финансии, бизнис

Контакт

ТИЛЕВ: ЕУ не смее да дозволи двојни аршини и ќе направи стратешка грешка ако го блокира пристапниот процес

ТИЛЕВ: ЕУ не смее да дозволи двојни аршини и ќе направи стратешка грешка ако го блокира пристапниот процес

За нашата европерспектива, можното одолговлекување на процесот за пристапување,подготвеноста за преговори и што до членството во ЕУ, МИА разговараше со Драган Тилев, државен советник за европски прашања во Секретаријатот за европски прашања, кој уште од самиот почеток е активно вклучен во евроинтеграциите на земјава.

Тилев смета дека стратешка грешка би била доколку билатералното прашање со Бугарија го одложи или целосно го блокира пристапниот процес за наше членство во ЕУ. Вели дека не е доволно Унијата да каже дека билатералните прашања мора да ги разрешиме самите, билатерално, туку таа има своја улога и мора да ја покаже својата способност и со изнаоѓање на решенија и за вакви сложени и осетливи прашања. Оценува дека и покрај пандемијата и силните политички, економски, здравствени и социјални последици од истата, процесот на проширување се движеше во позитивна насока.

-Но, како што реков, годината беше успешна до пред самиот крај, кога и покрај големите искрени напори на Германија како претседавач на Советот на ЕУ, Бугарија не се согласи со текстот на Преговарачката рамка и непринципиелно се обиде да наметне дополнителни услови за нашето членство во ЕУ. Познато е дека одлуките поврзани со процесот на проширување се донесуваат со едногласност и секогаш може да има земја членка која од свои причини, може да биде против или да не се согласи со предлогот, рече Тилев.

Смета дека за надминување на оваа ситуација, која е од билатерален карактер, нема друг пат освен дијалог, проактивен пристап и разговори со лидерите на сите други земји членки, како и со највисоките функционери на ЕУ во Брисел, но и во Вашингтон, со јасна позиција и аргументи дека за идентитетските белези на македонскиот народ, не се преговара.

-Резултатите од изборите во Бугарија и неможноста да се формира политичка Влада, не ни оди во прилог, но ниту тоа не смее да биде пречка да не продолжиме да дејствуваме и да бараме решение со претседателот на Бугарија, со техничкиот премиер и со други влијателни политичари од пријателска Бугарија, дури и во периодот до следните избори. Го нагласувам зборот пријателска, бидејќи не смее да дозволиме со наши чекори да се оддалечуваме едни од други. Бугарија е наш сосед, наш сојузник во НАТО и наш економски партнер, а утре ќе треба да бидеме на иста маса и во Брисел, вели Тилев за МИА.

Порачува дека во меѓувреме е важно исто така да не застанат реформите и оти токму во таа насока е и Агенда Европа дома.

-Европските реформи не се цел сами за себе, туку со нив треба да се воспостават европски институции, да се имплементира европско законодавство, европски стандарди и европска пракса. Од една страна на тој начин сите заедно ќе имаме поквалитетен живот, а од друга страна ќе бидеме многу подобро подготвени кога набрзо ќе ги започнеме пристапните преговори и официјално, вели тој.

На прашањето дали на повидок е нова долгогодишна блокада и дали историјата би станала критериум за членство, а Унијата тврди дека гледа кон иднината, Тилев вели дека е „професионален оптимист“ и изрази убедување дека многу набрзо ќе ги започнеме пристапните преговори.

-Развивањето на добрососедските и партнерски односи со сите наши соседи и особено со Бугарија, е процес на кој ќе треба заедно да работиме времето пред нас, но стратешка грешка би била доколку тој процес го одложи или целосно го блокира пристапниот процес за наше членство во ЕУ. Билатералните недоразбирања, од било кој карактер, вклучително и историски теми и прашања, не смеат да станат дел од пристапните преговори. Тоа не значи дека треба да се стават на страна, напротив, било кое прашање без никакви предрасуди треба да се разговара и да се најдат начини за градење на меѓусебно разбирање и пред се доверба, подвлекува тој.

Појаснува дека теоретски, согласно Договорот за основање на ЕУ, секоја земја членка може да го блокира приемот во ЕУ на било која земја членка.

-Денеска сме ние во прашање, утре може да биде некоја друга земја од нашата околина. Сметам дека ваквиот исход не и оди во прилог на ЕУ ниту на било која земја членка пооделно, а сериозно го става под знак прашање не само кредибилитетот на ЕУ, туку и нејзината определба за целосно почитување на темелните вредности на кој Унијата е заснована, вели Тилев.

Тој истакнува дека ЕУ не смее да дозволи двојни аршини, ниту толерирање на дејствување од позиција на сила и практикување на моќ.

-Но, тоа не се прашања за нас, тоа се прашања на кои Унијата мора да најде начин како да им пријде и како да ги разреши, пред истите да го контаминираат процесот на проширување и пристапните преговори. Ни од далеку не е доволно Унијата да каже дека билатералните прашања мора да ги разрешиме самите, билатерално. Унијата има своја улога и мора да ја покаже својата способност и со изнаоѓање на решенија и за вакви сложени и осетливи прашања, изјави Тилев за МИА.


Слично

Поврзани вести