ТИЕ ШТО НЕМААТ УЧЕБНИЦИ ЌЕ ГИ СИМНУВААТ КАКО ПДФ: Јаневска вели, ова прашање треба да биде затворено
Во ПДФ-формат на веб страницата на Педагошката служба ќе бидат поставени учебниците што недостигаат, рече министерката за образование и наука, Весна Јаневска. За училиштата во кои недостигаат учебници, прстот го впери кон директорите и комисиите, додавајќи дека за тоа не е виновно Министерството.
Министерката вели дека се испорачани онолку учебници колку што пријавиле самите училишта.
„Учебници има, сè што побарале училиштата, сè е испорачано. На Министерството му е сосема сеедно дали ќе отпечати милион или милион и двесте илјади учебници затоа што имаме рамковна спогодба за печатење. Значи, тоа што е побарано е испорачано. Уште еднаш повторувам – до последен учебник кој е побаран од Министерството е обезбеден. Оттука, не прифаќам дека може да се рече дека учебници нема. Дали се во подобра или полоша состојба, тоа зависело од комисијата што ги примала, од директорите, и оттука натаму сметам дека ова прашање треба да биде затворено и во иднина да немаме никакви вакви проблеми“, рече Јаневска.
Според неа, има јасни правила и јасен и прецизен закон што функционира, упатства и правилник за работа кои „од следната година ќе мора да се почитуваат до последен детаљ“. Дистрибуцијата на учебниците, како што рече министерката, веќе е завршена, а остануваат два учебника за прва година гимназија – еден е спорен, а еден е во процедура.
„Тие ќе бидат дистрибуирани тогаш кога ќе се реши ова. Сите други учебници се дистрибуирани“, додаде Јаневска.
