Економија, финансии, бизнис

Контакт

ТИЕ СЕ ЗАДОЛЖИТЕЛНИ НА БАДНИКОВАТА ТРПЕЗА: Колкава количина костени консумираат македонските граѓани?

ТИЕ СЕ ЗАДОЛЖИТЕЛНИ НА БАДНИКОВАТА ТРПЕЗА: Колкава количина костени консумираат македонските граѓани?

Во 2024 година, македонските домаќинства во просек консумирале по еден килограм костени, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика(ДЗС).

Во 2023, во 2022, количината била иста, 1 килограм, додека во 2021 година, просечно домаќинствата во земјава консумирало по 1.1 килограм костени.  Во 2020 количината е 1 килограм, а во 2019, 2018, 2017, 2016 година Македонците јаделе помалку костени, односно 0.9 килограми. Граѓаните кои ги анкетиравме велат дека не купуваат голема количина костени за празникот, но имаат и забелешки за цената, односно 200 денари за килограм им е скапо.

„Купувам по половина килограм или килограм. Цената на костените е висока. Од година на година намалуваме. Купувам мандарини, киви, банани, а сега луѓето почнаа почесто да купуваат урми, суви смокви, суви сливи“, рече Верица Величковска, граѓанка.

На Коледе, домаќинките ги даруваат децата со овошје, слатки, пари.

„Купувам по еден килограм. Секоја година земам иста количина. Варени костени не сакам, повеќе ми се допаѓаат печени. Купувам и јужно овошје, и јаболка, круши“, додава Мирка Колевска, граѓанка.

Но, некои семејства настојуваат за празникот да имаат навистина богата трпеза, односно набавуваат повеќе намирници, но во помали количини.

„Купувам најмалку килограм костени. Нив ги јадеме само за Бадник. Купувам круши, портокали, од сѐ по нешто, суво грозје, суви сливи, барем 5 или 6 вида овошје да имам, традицијата да си ја задржиме“, вели Нада Димитриевска, граѓанка.

Имало и години кога во просек македонските домаќинства трошеле само по 600 грама костени, а 2010 и 2009 година отскокнуваат со количина од 1.7 килограми. Во 2008 година, просекот бил 1.5 килограми. Во 2005 година, домаќинствата според ДЗС консумирале по 2.1 килограми костени. Во 2004 година просекот е 2 килограми.

Што се однесува до другите овошја, во 2024 година, домаќинствата јаделе во просек по 300 грама суви сливи, 600 грама суви смокви, 400 грама ореви. Дел од верниците, практикуваат на Бадник да јадат и печена тиква. Статистиката покажува дека во 2024 година, домаќинствата во просек консумирале по 3.3 килограми тиква. Македонските домаќинства во 2024 година во просек консумирале по 8.6 килограми мандарини, 28 килограми банани, 15.1 килограм портокали, 31.4 килограми јаболка, круши 3.8 килограми, а лимони 10.7 килограми. Во 2024 година, за киви просекот по домаќинство бил 1.9 килограми.

Сања Атанасовска

Слично

Поврзани вести