Економија, финансии, бизнис

Контакт

ТЕЖОК ПАТ ДО ЛЕКУВАЊЕТО НА НАЈТЕШКО БОЛНИТЕ: Онколошките пациенти во Македонија сè уште се борат со системските недостатоци

ТЕЖОК ПАТ ДО ЛЕКУВАЊЕТО НА НАЈТЕШКО БОЛНИТЕ: Онколошките пациенти во Македонија сè уште се борат со системските недостатоци

Борбата на онколошките пациенти во Македонија е полна со предизвици. И покрај подобрувањата на Клиниката за онкологија, како што истакнуваат пациентите, основните проблеми остануваат нерешени. Најсериозните недостатоци, истакнати во последниот ревизорски извештај за 2023 година, укажуваат на недостиг од медицински кадар, со што Клиниката останува единствениот центар за радиотерапија во државата. Биолошката терапија, од суштинско значење за лечење на ракот, е достапна само за 24 отсто од пациентите, со што останатите се принудени да чекаат на терапија која им е неопходна за нивното здравје.

Во текот на 2023 година, само 35 лекари и 96 медицински сестри се грижеле за над 100 илјади прегледи, што значи дека еден онколог годишно има околу 5.000 прегледи. Преоптовареноста на персоналот директно влијае на квалитетот на здравствените услуги и времето на чекање за пациентите, кои неретко поминуваат месеци во исчекување на преглед или третман.

-Секој преглед трае многу кратко. Лекарите немаат време да се посветат на нас, а ние треба да трпиме последици од тоа. Овој недостаток на персонал доведува до долгочекивани термини за прегледи и третмани, со што сите ние како пациенти со најтешки заболувања сме во неизвесност дали ќе добиеме адекватна нега на време, посочува една од пациентките, Лиле Р, со која што контактираше Фактор.

Клиниката располага со три акцелератори за радиотерапија, кои третираат меѓу 180 и 200 пациенти дневно. Сепак, уште два акцелератори не се во функција.

„Не е можно таква скапа опрема да не се користи додека ние страдаме,“ вели Борче Т., пациент од внатрешноста кој секојдневно патува во Скопје за третмани. Според ревизорите, еден од акцелераторите, добиен како донација во 2016 година, не е ни отпакуван и се чува во царинско складиште, што создава дополнителни трошоци за Клиниката.

Дополнителен проблем е финансиското управување. Во 2023 година, лекови во вредност од 33 милиони денари, добиени преку донации, не биле евидентирани во финансиската евиденција.

 „Секогаш сум во неизвесност дали ќе го добијам лекот што ми го препишуваат, особено кога знам дека некои лекови недостасуваат,“ вели Иван М.,

Според ревизорскиот извештај, нерегуларностите во управувањето со залихите и донациите го поткопуваат ефикасното функционирање на Клиниката и ги доведуваат во ризик пациентите.

Ова е уште еден пример за системски проблеми кои ги загрозуваат пациентите, бидејќи тие не се само жртви на својата болест, туку и на нефункционалниот здравствен систем.

Министерот за здравство, Арбен Таравари, пак, истакнува дека не бил информиран за ревизорскиот извештај, а директорот на Клиниката, Игор Стојановски, изјави дека ќе се следат препораките и дека веќе е подготвен акционен план за нови вработувања. 

„Ќе вработиме нови кадри од сите профили, вклучувајќи лекари и медицински сестри,“ вели Стојановски.

Но, проблемите на Клиниката не се нови. Во септември минатата година, јавноста беше шокирана од откритијата за кражба на биолошката терапија наменета за онколошки пациенти. Истражувањето покажа дека пациентите на Клиниката наместо терапија примале физиолошки раствор, додека лековите завршувале на црниот пазар. Оваа афера предизвика големо незадоволство и ги откри долгогодишните пропусти во системот за набавка и распределба на терапијата. Пациентите и нивните семејства сè уште се соочуваат со последиците од овие шокантни откритија, што создаде недоверба во здравствениот систем.

Пациентите продолжуваат да апелираат за итни промени и решенија, бидејќи за многумина од нив, времето е најголемиот непријател.

Анита Буховски


Слично

Поврзани вести