ТЕЖОК МАНДАТ ЌЕ ИМА НОВИОТ СКОПСКИ ПРВ ЧОВЕК - дали градските проекти ќе зависат од антиестаблишмент советниците
Со 21 советник од редовите на СДСМ на советничката листа на Градот Скопје, на сегашниот градоначалник Петре Шилегов му беше многу поедноставно да менаџира со метрополата, отколку што тоа ќе му биде на новиот прв човек на градот, без разлика дали тој или неговата противкандидатка Данела Арсовска ќе седнат во градоначалничката фотеља.
Причина за тоа е фактот што ниту ВМРО-ДПМНЕ, ниту СДСМ, не успеаја да освојат мнозинство на советничката листа, за кое се потребни 23 гласа.
Граѓаните како да покажаа дека не сите веќе веруваат во двата големи политички „мастодонти“ и дека сакаат промени од овој двоец кој се менува на своите владејачки позиции во изминатиот долг период. Советничките листи на Град Скопје се чинат како добар почеток на влегувањето на независниот и „третиот“ граѓански глас во ликот на помалите политички опции во каналите на локалната власт, токму каде што се носат непосредните одлуки за секојдневието на граѓаните! Или, анестаблишмент гласот кој се појави на овие локални избори изгледа како старт на една традиција која ќе потрае, сметаат експертите.
А, сегашниот распоред на силите на новата советничка листа на Скопје изгледа вака, ВМРО-ДПМНЕ успеа да освои 18 советници, што е за еден советник повеќе од досегашниот состав, додека, пак, СДСМ сега ќе може да смета само на 12 советници.
ДУИ освои пет советнички места, што е за две повеќе од пред четири години, додека, пак, Левица сега има четворица советници, наспроти еден во претходниот совет.
Исто така, по две советнички места во Град Скопје имаат и Алијанса за Албанците/Алтернатива, потоа Група избирачи - Драгана Велковска, зад кои стои иницијативата Зелен хуман град, како и ЛДП/ДОМ, кои на локалните избори настапија одвоено од својот владин коалиционен партнер.
За мнозинство во Советот на Град Скопје се потребни 23 советнички места, нешто што го нема никој на своето изборно конто.
Со оглед што ниту една од овие две партии нема обезбедено мнозинство во Советот на Град Скопје, како новиот градоначалник, кој и да победи, ќе може да ги носи одлуките и всушност да работи на решавање на градските проблеми, го прашуваме долгогодишниот политички аналитичар, Петар Арсовски.
Тој вели дека пред идниот градоначалник, ќе претстои еден тежок четиригодишен мандат.
„Се еден збор, многу тешко. Тесното мнозинство во советот, ако го има воопшто, ќе направи идниот градоначалник да биде заглавен во партиска борба во текот на својот мандат. Доколку партиите не најдат заеднички јазик и некаква општа визија за градот, ќе гледаме постојано препукувања, напади и неконзистентни политики“, објаснува Арсовски.
Какви се неговите очекувања за тоа кој ќе го формира мнозинството, Арсовски смета дека треба да се почекаат резултатите од вториот круг, како и дека советниците секогаш имаат тенденција да се приклонат кон победникот.
„СДСМ генерално има поголем политички капацитет, но треба да се почекаат резултатите од вториот круг. Советниците, како и граѓаните, имаат тенденција да се приклонат кон победникот, така што, мислам дека ќе има опции за мнозинство во советот. Сепак, тесната разлика ќе направи мандатот да биде комплициран“, смета Арсовски.
Дали оваа шареноликост ќе значи можност за демократизација на Советот или, пак, можеби врзување на рацете на новиот градоначалник кој и да биде. И дали, со оглед на фактот што во Советот ќе има и членови на Левица, “зелени“, ќе значи и промена во начинот на менаџирање на градот.
Според Арсовски, ова всушност ќе значи дека градоначаликот, кој и да биде тој или таа, нема да има фиксно и слепо мнозинство за сите одлуки, што е добро.
„Тоа можеби значи дека дел од помалите граѓански коалиции можат да бидат ‘совест’ на советот. Но, истовремено, ќе значи и помалку ефикасност.Долгорочната статична ситуација помеѓу двете поголеми партии направи притисок за трети и независни опции. Антиестаблишмент гласот се појавува на овие локални избори, и таа тенденција нема да ја снема. Треба да очекуваме дека гласот кој го добија овие опции во советите, ќе го направи мандатот тежок за било кој градоначалник“, вели аналитичарот Арсовски во разговор за Фактор.
Во недела, односно на 31 октомври, граѓаните на метрополата кои ќе излезат на гласање, ќе одлучат дали главниот град и натаму ќе биде раководен од досегашниот градоначалник Петре Шилегов од СДСМ, или, пак, за прв пат победа во метрополата ќе ја извојува една жена, односно независната кандидатка Данела Арсовска, која е поддржана од нивниот лут политички ривал, ВМРО-ДПМНЕ.
Нина Нинеска-Фиданоскафото: Фејсбук
