ТЕТОВСКИ КОМБИНАТ ТЕТЕКС ПРОДОЛЖУВА СО УСПЕШНИТЕ РЕЗУЛТАТИ – минатата година ја заврши со добивка која надминува 1 милион евра
Некогашниот тетовски трговски гигант ТЕТЕКС АД Тетово продолжува да остварува позитивни финансиски резултати, а според најновиот финансиски извештај за изминатата година компанијата ја заврши годината со солидна добивка.
Извештајот открива дека Тетекс АД Тетово лани остварил добивка од 1,08 милиони евра, а компанијата исто така минатата година исплати дивиденда од 21, 6 милиони денари или 351 илјади евра.
Но, деталите откриваат дека компанијата својот успех го должи и на одлуките за инвестиции во имоти, од кои дел ги изнајмуваат, а дел од нив минатата година ги продале.
- Приходите остварени од продажба на готови производи и услуги се 56.095 илјади денари (околу 912.000 евра) и се резултат на редовното работење. Во оваа категорија се вклучени приходи од кирии, услуги од царински терминал, како и продажба на материјали, готови производи и стоки.
Останатите оперативни приходи достигнаа 203.819 илјади денари (околу 3,31 милиони евра), при што најголем дел се однесува на продажба на недвижен имот, приходи од експропријација на земјиште и приходи од пренос на право на користење градежно земјиште – се посочува во извештајот објавен на Македонска берза.
Во финансиските приходи од 7.101 илјади денари (околу 115.000 евра) се евидентирани приходи од камати на орочени парични средства во банки. Значајно учество во вкупните приходи има и уделот во добивката на придруженото друштво ТТК Банка, пресметан по метод на основна главнина, во износ од 37.278 илјади денари (околу 606.000 евра).
- Вкупните расходи за периодот јануари–декември 2025 година изнесуваат 190.511 илјади денари (околу 3,10 милиони евра) и се речиси на исто ниво како и во 2024 година, кога изнесувале 192.440 илјади денари (околу 3,13 милиони евра).
Во оваа сума се вклучени трошоци за потрошени материјали, набавна вредност на продадени производи, трошоци за вработените, вредносно усогласување на залихите на суровини и готови производи, како и трошоци поврзани со преносот на право на користење градежно земјиште – се посочува во извештајот.
Залихите на готови производи се намалени за 41.099 илјади денари (околу 668.000 евра), како резултат на продажба и вредносно усогласување.
Во април 2025 година се одржа Годишното собрание на акционери, на кое беше донесена одлука за исплата на дивиденда во износ од 55,56 денари бруто по акција, односно вкупно 21.600 илјади денари (околу 351.000 евра). Дивидендата е исплатена во законски предвидениот рок.
- Добивката пред оданочување за 2025 година изнесува 72.712 илјади денари (околу 1,18 милиони евра), додека добивката по оданочување достигнува 66.256 илјади денари (околу 1,08 милиони евра).
Остварениот финансиски резултат го надминува планираниот за 2,4 отсто – стои во извештајот, а од компанијата посочуваат дека во постојните услови фокусот е ставен на ефикасно управување со расположивите недвижни и движни капацитети, како и со залихите на материјали, производи и стоки, со цел обезбедување стабилен приход и понатамошен раст на позитивниот финансиски резултат.
