Економија, финансии, бизнис

Контакт

Тетовци уште од сега се задушуваат од загаден воздух

Тетовци уште од сега се задушуваат од загаден воздух

Според пресметките на Светска банка, ако Македонија го намали нивото на загаденост со суспендираните честички ПМ10 и ПМ25, би избегнала 800 случаи на смрт и би зачувала 34 милиони евра годишно.

Во повеќе скопски општини во септември граѓаните дишеле воздух со ПМ-10 честички над дозволената граница, а во Лисиче се измерени 113.5 ПМ-10, што вообичаено е карактеристика за зимските месеци. Тетовци во некои денови дишеле воздух со присуство на ситните честички кои може да доведат до сериозни респираторни заболувања над три пати од дозволената граница. 

Ова го покажува месечниот извештај на Министерството за животна средина. 

Во мерната станица во општина Центар највисокото присуство на ПМ-10 честичките изнесувало 63, додека дозволената граница од ЕУ, но и во земјава е 50 мг/м2. Во Карпош, пак, најмногу се измерени 78 микрограми во метар кубен. Во градот под Шар Планина, во септември највисокото ниво на концентрација на овие честички било 164 мг/м2. Извештајот покажува фрапантен податок дека тетовци 30 дена дишеле воздух над дозволената граница. 

Претходната зима граѓаните во Скопје, Битола и во Тетово одржаа неколку протести поради загаденоста на воздухот. Главниот протест беше организиран пред Владата од страна на повеќе граѓански здруженија и иницијативи, со барање надлежните да преземат итни мерки со кои ќе се заштити здравјето на граѓаните.

Градот Скопје започна со прскање на улиците со калциум магнезиум ацетат за цел подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух, мерка која беше критикувана од еколошките организации како неефикасна. 

Според пресметките на Светска банка, ако Македонија го намали нивото на загаденост со суспендираните честички ПМ10 и ПМ25, би избегнала 800 случаи на смрт и би зачувала 34 милиони евра годишно.

Македонија е на петто место според годишните смртни случаи предизвикани од загаден воздух со честички поситни од 10 микрометри. Според извештајот на Светска банка, цврстите честички се одговорни за 1.350 смртни случаи годишно во Македонија.

ПМ10 претставуваат мали честички со дијаметар од 10 микрони кои лесно навлегуваат во белите дробови и содржат метали и прашина од индустријата и патиштата, како и честички создадени при согорување. Главни причинители на загадувањето на воздухот во Скопје, Битола, Тетовo и други општини сe сообраќајот, малите и големи индустриски капацитети, градежните зафати и домаќинствата.


Слично

Поврзани вести