ТЕШКА СООБРАЌАЈКА НА ПАТОТ СВЕТИ НИКОЛЕ - КУМАНОВО: десет лица се повредени
Тешка сообраќајна незгода што се случила вчеравечер на магистралниот пат Свети Николе – Куманово, каде се судриле комбе и камион и има повеќе повредени лица.
Од противпожарната бригада во Свети Николе за М-нет соопштиле дека пожарникари вчеравечер околу 21 часот интервенирале и извлекувале повредени од возилата, по што тие биле предадени на Итната помош.
- Интервенцијата била реализирана на 19 јуни во 21:02 часот, кога на местото на несреќата било испратено едно противпожарно возило. Пожарникарите учествувале во спасувачката акција, при што извршиле извлекување на повредените лица од возилата. По укажаната прва помош на терен, повредените биле предадени на екипите на Итната медицинска помош за понатамошен третман и транспорт до здравствена установа.
Од Пожарна Свети Николе апелираат до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, како и да ја приспособат брзината на движење кон условите на патот, со цел да се намали ризикот од сообраќајни незгоди и да се заштитат човечки животи- се вели во изјавата.
Од Клиничката болница во Штип изјавија дека осум од повредените се задржани на Одделот за хирургија, а две лица се пренесени на Комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје. Дел од повредените се со полесни, а дел со потешки повреди.
Во текот на денот се очекува официјално соопштение од МВР.
Извор и Фото: Мнет
