ТЕШКА И НЕИЗВЕСНА ГОДИНА: ГОБ „8 Септември“ го одбележа Патрониот празник, Ковид-19 и натаму најголемиот предизвик
Градската општа болница „8 Септември“ денеска симболично го одбележа Патрониот празник, а во своето повеќе децениско постоење, како што изјави директорот д-р Христијан Костов за Фактор, најголемиот предизвик го доживува токму сега кога се вложени сите напори, сите капацитети и сиот медицински кадар во справувањето со епидемијата на корона вирусот.
-ГОБ „8 Септември“ изминатава година и пол практично е носечкиот столб во борбата со Ковид-19. Кога светот се соочува со пандемијата на корона вирусот која е глобална закана за здравјето на целото човештво, и задава огромен удар врз темелите на секој здравствен и економски систем, сите подеднакво имаме потреба од заемна поддршка. Корона вирусот, и покрај развојот на технологијата, ни даде на знаење колку е кревок човечкиот живот. Несомнено, во оваа глобална пандемиска загрозена сегашност, која раѓа многу прашања и дава малку одговори, во целиот свет, посветено и неуморно работат научниците и здравствените работници, кои се обидуваат да го објаснат и победат овој „невидлив непријател“, кој одзема човечки животи. Се води секојдневна борба, за да му даде на човештвото надеж за спас, надеж да ја порази и оваа невидлива закана која го напаѓа човечкото здравје и живот. Во првите редови на овој секојдневен фронт се здравствените работници. И целата благодарност оди кај нив, за нивната работа, за нивната посветеност и пожртвуваност во овие тешки денови за сите луѓе на светот.Во Градската Општа Болница 8ми Септември (НАШАТА БОЛНИЦА) работат високопрофесионални лекари и специјалисти и други високо стручни здравствени и административни работници. Не можам да кажам што секој од моите колеги доживува, но можам да кажам дека во нашата болница владее работна атмосфера и оптимизам, посветено се згрижуваат сите пациенти на кои им е потребна здравствена интервенција и лекување. По одлуката за назначување на ЈЗУ ГОБ „8-ми Септември“ Скопје како Ковид центар од страна на Министерството за здравство на Република Северна Македонија, бевме соочени со предизвици за имплементирање на нови протоколи, обезбедување на заштитна опрема, патеки на лекување и обука на целокупниот персонал. Имавме отворена соработка и консултации со врвни специјалисти ширум Европа и светот преку бројни онлајн работилници. Успеавме да излекуваме голем број на пациенти кои беа на асистирана механичка и на инвазивна вентилација. Будно ги следевме сите промени во протоколите за лекување на ковид-19 и се стремевме веднаш да ги спроведеме. Први во државата воведовме и нови третмани како што е озон-терпијата, која даде солидни резултати во лекување на пациентите заболени од ковид-19. Во периодот од почетокот на епидемијата на Ковид 19 –односно од 15 март до денес, во нашата болница ГОБ „8 Септември“, извршени се илјадници амбулантски прегледи, илјадници пациенти примени се на болничко лекување. ЈЗУ ГОБ „8-ми Септември“ Скопје и понатаму останува силно подготвена во борбата со ковид-19, како и со сите останати болести и состојби кои го нарушуваат човековото здравје. Менаџерскиот тим на ЈЗУ ГОБ "8ми Септември" им го честита патронатот на вработените во нашата болница, а воедно на сите граѓани им го честита 8ми Септември, Денот на независноста на Република Северна Македонија, изјави директорот Костов.
А.Б.