Тереза Меј испрати владин министер да ја посети Македонија
Министерот за надворешни работи на Македонија, Никола Димитров, денеска ќе го пречека британскиот министер за Европа и Америка, Сер Алан Данкан, со кој ќе зборува за внатрешната политичка ситуација, реформската агенда за ЕУ и НАТО и референдум на 30 септември.
Данкан и Димитров, како што беше најавено од страна на Министерството за надворешни работи, ќе дискутираат за регионалната соработка, британскиот ангажман во рамките на Берлински процес, разговорите меѓу ЕУ и Велика Британија за Брегзит.
- Посетата на министерот Данкан, претставува уште една потврда за зголемување на интензитетот на политичкиот дијалог меѓу двете земји во текот на минатата година, особено по историската посета на Македонија на британската премиерка Тереза Меј на 17 мај оваа година - гласи во соопштението на МНР.
Инаку, посетата на Данкан е во екот на референдумската кампања кога Македонија секојдневно е посетувана од голем број високи државни претставници од Европската унија и од САД.
