ТЕПАЧКА ВО СТРУГА: Жител на Лабуништа, претседател на бугарско здружение тврди дека добил ќотек затоа што е Бугарин
Инцидент денеска се случил во Струга, каде едно лице го тепало претседателот на бугарското здружение „Шемето“, Бекир Кадриески.
Ова се случило пред околу еден час, потврдил самиот Кадриески за бугарскиот портал НОВА.
Тој изјавил дека лицето го соборило на земја и го клоцало. Тврди дека добил навреди на на етничка основа со зборовите „валкан Бугарин“.
Инаку, како што објави НОВА, Кадриески е државјанин на Македонија. Тој не поседува бугарски пасош, но изјавува дека има бугарски идентитет.
„Сведоци сме на уште еден брутален чин на насилство врз државјанин на Република Северна Македонија со бугарски идентитет. Претседателот на здружението на Бугарите ‘Шемето’, Бекир Кадриески, е тешко претепан во градот Струга. Силно ја изразуваме нашата огорченост и го осудуваме овој последователен чин на неиспровоцирано насилство врз нашиот сонародник. Доколку се потврдат информациите дека претепувањето на Кадриески било проследено со зборовите ‘валкан Бугарин’, тогаш тоа што се случило ќе претставува опасен релапс и преку сите можни меѓународни канали ќе бараме делото детално да се истражи и виновниците да бидат целосно казнети“, се вели во ставот на ГЕРБ.
Потврда за инцидентот пристигна и од СВР-Охрид.
„На 13.06.2023 година во 12.15 часот, во ОВР Струга пријавено е дека, во близина на спортска сала лоцирана на улицата Боро Хаџиески во Струга, А.Н. од струшкото село Велешта го нарушил јавниот ред и мир со физички напад врз Б.К.од селото Лабуништа“, соопштија од полицијата.
Институциите преземаат мерки за расчистување на случајот. На почетокот на годинава во Охрид, три лица го нападнаа Христијан Пендиков, по што односите меѓу Македонија и Бугарија се заладија. Бугарија со владин авион го однесе Пендиков на лекување во Софија и тој ќе остане таму.
