Тензии во Кочани, во понеделник се бира в.д. градоначалник
Тензична е атмосферата меѓу советниците на општина Кочани пред понеделничкиот избор на в.д. градоначалник на втората најголема општина на Истокот, по оставката и апсењето на градскиот татко Љупчо Папазов заради катастрофалната трагедија во дискотеката Пулс.
Веќе споменатиот потенцијален кандидат за градоначалник, независниот советник Венко Крстевски, во објава на фејсбук ги прозва ВМРО ДПМНЕ и СДСМ, сметајќи дека ќе изгласаат „свој“ заеднички кандидат од редовите на советниците.
Крстевски смета дека тоа ќе биде Гоце Марков, за кој напиша дека не е ниту од Кочани, по што овој вториот јавно побара извинување од него со закана со тужба. Марков во својата објава на социјалните мрежи тоа го нарече манипулација без никакви докази.
