Тендерската документација за модуларните болници пристигна во Обвинителството
Тендерската документација за изградбата на 17-те модуларни болници за ковид-пациенти низ Македонија е пристигната во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција.
Шефицата на обвинителството, Вилма Русковска за РСЕ потврди дека се работи за обемна документација, која допрва ќе се анализира, а потоа ќе се донесат одлуки за тоа како ќе се одвива случајот и дали ќе бидат повикани сведоци или некој кривично да одговара.
Таа и претходно рече дека се работи за околу 5.000 страници и дека Обвинителството ќе контактира со Светска банка, која го кредитираше проектот. Порача дека се работи за истрага за начинот на кој се спроведувала набавката, а не за причините за избивањето на пожарот во Тетово во кој загинаа 14 лица.
„Ако има некоја одговорност, односно во делот ако е повреден Законот за јавни набавки или во делот, бидејќи посебен закон е донесен за набавка на овие модуларни болници, или во тој дел ако е повреден, тогаш ќе одлучиме кого ќе распитаме и кого ќе викнеме. Сето останато е во делот што го води Основното обвинителство во Тетово“, рече Русковска РСЕ.
