Тендерот за автобусите во евалуација, Николоски го очекува извештајот за седум дена
Бројот на понуди доставени на обновениот тендер за набавка на автобуси, како и податоците за тоа колку понудувачи се од Македонија, а колку од странство, ќе бидат познати по завршувањето на првичната евалуација.
Министерот за транспорт Александар Николоски денеска изјави дека тендерот завршил во понеделникот и оти постапката во моментов ја разгледува посебна комисија.
„Обновениот тендер заврши во понеделникот и сега е во процес на евалуација. Сè уште го немам добиено извештајот. Имајте предвид дека има евалуациска комисија составена од експерти од Министерството за транспорт, но и од Машинскиот факултет. Кога ќе го добијам извештајот, ќе го споделам со јавноста. Се надевам дека тоа ќе биде некаде за седум дена“, рече Николоски.
Обновената постапка следува по поништувањето на претходниот тендер за набавка на 150 електрични автобуси и 75 станици за полнење. Од вкупниот број автобуси, 100 беа предвидени за Скопје, а останатите 50 за други градови во земјава.
Николоски ја даде изјавата на денешната промоција на новите специјализирани возила за потребите на Државниот инспекторат за транспорт, обезбедени како донација од Европската Унија. На настанот присуствуваше и амбасадорот на ЕУ во земјава, Михалис Рокас.
