Економија, финансии, бизнис

Контакт

TEMПИРАНИ БОМБИ ВО ДОМОТ: Внимателно со боците да не дојде до катастрофална експлозија

TEMПИРАНИ БОМБИ ВО ДОМОТ: Внимателно со боците да не дојде до катастрофална експлозија

Граѓаните со цел да заштедат, готват на плински боци кои често пати се купени евтино, а воедно имаат сомнителен квалитет.

Во зима, многу дуќани се загреваат на боци, што исто така е ризик, доколку соодветно не се користи и чува боцата. Во Македонија изминативе години имаше повеќе пожари предизвикани од експлозија на плински боци, при што имаше и повредени, па и смртни случаи. Најтазе е примерот од Делчевско од минатата недела каде еден човек се здоби со изгореници. 

За да се спречи некој несакан ефект од користењето на овие боци, граѓаните треба многу да внимаваат. Доколку се случи експлозија, без разлика дали боцата е мала или голема, штетите можат да бидат огромни, а може да има и фатални последици.

„Потребно е да се испочитуваат два – три важни фактори за плинските боци, а тоа е да се купуваат од сертифицирани продавачи. Но, луѓето за да заштедат пари ги полнат боците на бензински пумпи со плин за автомобили. Не треба да стои боцата надвор на сонце, таа од самото сонце нема да експлодира, но ќе се оштети цревото од кое протекува гасот и може да дојде до запалување. Не треба да се прават импровизации, затоа што тоа порано или подоцна ќе направи проблем. Боцата не треба да се чува во просторија каде се спие, затоа што може да дојде до истекување на гасот, и задушување во сон. Има превентива доколку дојде до експлозија, но луѓето ги фаќа паника. Ако експлодира боцата, треба да земат влажна крпа и да ја стават врз неа, а потоа да се затегне вентилот. Инаку, боцата ако се запали може да гори до крај“, вели Александар Гудев, командир на ТППЕ Струмица.

Тој објаснува дека експлозии најчесто се случуваат во зима, кога боците се користат за греење.

За разорната моќ на боците, вели дека при експлозија се случувало да урнат цел ѕид од просторија.

Во повеќе македонски градови имаше случаи на експлозија на плински боци. Пред неколку дена едно лице имаше изгореници како резултат на експлозија на боца во делчевското село Тработивиште.

Во зграда во Прилеп имаше 7 повредени во 2016 година, а оваа година смртен случај имаше во Гевгелија и кај Рамстор.

Во 2016 година боца повреди стружанец, а со повреди од боца во 2017 година се здоби и маж од Гостивар.

Во Битола во 2017 година две жени беа повредени од боца. Откако им експлодираше боцата, двете се здобија со сериозни повреди, а куќата беше оштетена.

Најмалку осум лица беа повредени во експлозија во семејна куќа во скопската населба Драчево во јануари 2016 година.

Вакви немили настани има секоја година и тие ги полнат полициските билтени, и затоа се препорачува крајна внимателност при ракување со плинските боци.

Сања Атанасовска

Слично

Поврзани вести