Температури над 40 степени! Во Македонија како во котел!
Живата во термометарот денеска ќе го
надмине четириесетиот степен. Додека
синоптичарите и надлежните од
Министерството за здравство алармираат
да се почитуваат препораките, на терен
се работи со полна пареа. Синдикатот
за градежништво, индустрија и
проектирање порачува да се засилат
контролите во секторот бидејќи добар
дел од компаниите не ги почитуваат
препораките и законите.
“Инспекциски надзор има но не доволно да се заштитат сите работници изложени на отворено. Во одредени случаи институциите на системот треба да го имаат тоа во предвид и да ги зголемат инспекциските надзори таму каде немаме членови. Доколку некој работодавач ги прекршува овие одредби и препораки треба да сноси одговорност и казна. Во моментов има над 4000 регистрирано градежни компании, но во голем дел од нив не се врши контрола и не се почитуваат правата од работен однос. Во државните фирми навистина немаме информации бидејќи нашите членови доаѓаат стриктно од приватниот сектор. Што се однесува до мерките за безбедност и здравје при работа како синдикат сметаме дека сите треба да го почитуваат законот. Како приватните така и државните фирми. Не смее тие што го носат законот да го прекршуваат и непочитуваат, а доколку тоа се забележи соодветно треба и да се казни”- вели м-р Иван Пешевски, заменик претседател на СГИП.
Законската регулатива како што вели предвидува многу но од она што може да се види на терен има многу компании кои не ги почитуваат правата од работен однос, препораките на министерствата како и мерки од безбедност и здравје при работа. За овие работодавачи кои се на број од околу 4000 градежни компании, според Пешевски треба засилена инспекторска контрола.
“Синдикатот редовно апелира до работодавачите каде има членови и за сега во тие компании се почитуваат мерките. Сведоци сме сите дека секторот градежништво е еден од потешките сектори кој содржи многу работни места со висок степен на ризик и енормно тешки услови за работа. За таа цел треба да се заштитат вработените најпрвин со лична заштита опрема, а потоа и заштита од природни непогоди. За жал немаме контрола насекаде и таа обврска требa да ја предвиди Државниот инспекторат за труд”- додава Пешевски.
Секторот градежништво и индустрија вели дека е со висок степен на ризик. Синдикатот во ноември 2013 тата отпочнал иницијатива за промена на Правилникот за бенифициран стаж со која биле усогласени со претставници од Министерството за труд и социјална политика сите работни места. Платите во ресорот вели се мали што допринесе дополнителен одлив на кадар надвор од земјава.
“По доставената комплетна документација од синдикатот и со поддршка на работодавачите за жал остана нереализирано ова право до денес, но со најавата за ревизија на Правилникот од страна на Министерот повторно побаравме заеднички да го реалзираме ова право. Издвоени се доста работни места кои навистина заслужуваат бенифициран стаж, бидејќи сите се со висок степен на ризик. Со промена на Правилникот за бенифициран стаж сметаме дека ќе исправиме една голема неправда спрема нашите градежни работници кои достоинствено ќе заминат во пензија, а со тоа и државата ќе има нови вработувања и намалување на стапката на невработеност.
Самата сложеност на работа од секторот градежништво е секаде во светот комплексна и тешка. Што се одесува на развиените европско-западни земји платите таму се повисоки и поради тоа многу од нашите работници заминаа во странство за подобра егзистенција. Кај нас платите во секторот градежништво за жал се под просечни но секогаш бараме и ќе бараме да се покачат преку потпишување на колективни договори”- објаснува Пешевски.
На национално ниво според заменик претседателот на Синдикатот за градежништво и индустрија се очекува покачување на минималната плата, но зголемување на платите очекува и преку потпишување на колективни договори на ниво на компанија. Со овие договори вели би се договориле и поголеми права, повисоки плати, надоместоци и додатоци на плата.
С.Б.
