Телохранител на Пендаровски позитивен на Ковид-19
Кабинетот на претседателот Стево Пендаровски денеска потврди дека во попладневните часови на 17 мај 2020 година е утврден позитивен резултат на Ковид-19 кај телохранител на шефот на државата.
Вработениот во МВР бил член на поширокото обезбедување и немал директна комуникација со претседателот, бидејжи во меѓувреме користел одмор а последен пат бил на работното место на 11 мај 2020 година.
Од таму известуваат дека Пендаровски ќе продолжи со своите редовни активности, а денеска на агендата во „Вила Водно“ е лидерска средба на која претседателите на партиите ќе договараат избори.
- По спроведената епидемиолошка анкета, утврдено е дека е потребно да се тестираат дополнително 11 лица кои биле во контакт со лицето кое е позитивно. Сите 11 лица беа тестирани и се негативни на КОВИД-19, но и покрај тоа остануваат во самоизолација до 25 мај, до истекот на инкубација од 14 дена, објавија од Кабинетот.
Самиот Пендаровски и членовите на неговото семејство нема да бидат во изолациј, бидејќи нивните контакти со лицето се од втора линија.
