Телекомуникациска кула ќе никне на Водно
Со изградба на нов антенски систем денеска ќе почне Агенцијата за електронски комуникации со кој ќе врши контрола и мониторинг на радиофреквенции за територијата на целата држава.
Антенскиот систем ќе претставува кула висока 155 метри со централно армиран бетонски столб на кој ќе бидат сместени четири конзолни платформи со површина од 180 до 200 метри квадратни. Ќе има и челично решеткаст столб, а на врвот антена.
Директорот на АЕК Роберт Ордановски информира дека изведувач на градежните работи, што ќе траат пет години, е градежното друштво „Гранит“. Вредноста на договорот за градежни работи е 1.084.706.000 денари, финансии на Агенцијата.
Систем се гради на врвот на Водно како најпогодна локација што ќе придонесе за подобро покривање на дел од територијата каде има најголема концентрација на емитери. Во него ќе биде сместена софистицирана опрема со помош на која АЕК ќе може да прави мониторинг на сите емитувања на радиофреквенции што ги користат операторите на јавни електронски комуникациски мрежи и услуги, јавниот радиодифузен сервис и трговските радиодифузни друштва, авионавигацијата, функционалните системи... Со тоа, истакнуваат од АЕК, ќе се намалат можностите од појава на разни пречки и интерференции.
Изградбата на антенскиот систем, според Ордановски, е предвидена со Програмата за работа на АЕК од минатата година, што ја одобри републичкото Собрание.
Како што соопштија од АЕК во иднина имаат намера врвот на Водно да биде расчистен од бројните присутни антени и во нивната централна кула да се префрлат сите радиодифузери и мобилни оператори.
