Телата на загинатите кај Лесковац денеска ќе бидат пренесени во Македонија
По обдукцијата во Лесковац, денеска телата на тројцата загинати во сообраќајката која се случи изминатиот викенд, ќе бидат пренесени во земјава.
Како што пренесува МИА, уште 15 други лица се уште се наоѓаат на лекување во Ниш и Лесковац.
Од болницата во Лесковац пуштен е на домашно лекување уште еден од повредените Македонци, така да во оваа болница се наоѓаат седум полесно повредени патници.
Осуммината потешко повредени Македонци се уште се наоѓаат во Клиничкиот центар во Ниш, од кои две патнички со тешки повреди на главата, на рбетниот столб и со фрактура на карлицата, се во сериозна здравстевна состојба и приклучени се на апаратите за дишење. Сите останати се стабилизирани и не се животно загрозени. Лекарите во овие болници ја следат сотојбата на повредените и како што ни изјавија по подобрување на здравствената состојба во договор со македонските задравствени институции, пациентите ќе бидат префрлени на лекување во Македонија.
Во болницата во Лесковац се наоѓа вториот возач на „автобусот на смртта“, кој е во стабилна здравствена состојба и има полесни повреди. Тој за дописникот на МИА изјавил дека во моментот на сообраќајната несреќа во 01 часот и 45 минути спиел и не знае како дошло до трагичниот настан.
FOTO: YOUTUBE PRINTSCREEN NOVOSTI
