Тефик Махмут: Младите сакаат одговорна, а не послушничка власт!
“Во Македонија треба да се гради општествена одговорност, а не општествена послушност, потребна е критична, а непослушна маса. Потребен е млад потенцијал кој ќе биде основа за креирање на вредности компатибилни со европските и светските стандарди. Власта мора да најде начин младите да ги задржи во земјава, да го цени и вреднува нивниот труд”- вели за Фактор, Тефик Махмут кој е еден од армијата млади кои заминале надвор во трка за подобра иднина.
Пo завршувањето на Правниот факултет своето школувањеТефик го продолжил на еден од најреномираните светски универзитети – Оксфорд каде магистрирал меѓународно право и миграциони движења. Иако многу рано останал без родителите кои загинале во сообрајќајна незгода, тој успеал своето знаење да го насочи кон трасирање на својот животен пат исполнет со учење. Денес вели често е на релација Скопје -Будимпешта бидејќи по магистратурата работи во Европскиот центар за правата на Ромите во Будимпешта. Во пресрет на изборите добил понуди за пратеник и за кандидат за градоначалник на Шуто Оризари, но како што вели ја одбил понудата бидејќи својата иднина не ја гледа во политиката се додека партиите не докажат вистинска зрелост и подготвеност да се борат за квалитетот во младиот потенцијал, а не само за слепи послушници на партиските политики.
“До пред некое време или последниве десет години во Македонија фигурираше “надокнадувачка моќ” реализирана преку т.н партиско вработување, и како такво ги присилуваше квалитетните кадри да бараат можности надвор од својата држава. Што патем беше една од причините поради моето иселување. Феноменот на партиско вработување, не може да се промени со промена на власта. Истиот феномен, може само да се промени со подобрување на социо-економската или општествено-политичката ситуација во Македонија. Со промена на власта не доаѓаат промените сами по себе. Ќе треба да помине определен период за истата транзиција да се процесира. И имајќи го во предвид ваккум просторот што треба да се пополни со вработување од “новодојдените”, мислам дека феноменот на партиско вработување ќе продожи да фигурира на локално па и на централно ниво. Ваква некоја ситуација ќе ги демотивира младите што се иселија да се вратат, и би ги мотивирала тие што се вратија повторно да се иселуваат од државата”- потенцира Тефик Махмут.
Процесот на глобализација, заедно со далеку подобрите можности што се нудат надвор од земјата според него се едни од причините поради кои младите заминуваат од својата држава. Дополнителен проблем вели се лошите образовни политики поради кои на земјава и се случи масовен образовен егзодус.
“Зависи по кои параметри го оценуваме импактот на реформите во образованието, и дали истите вродија со плод, но неспорно е дека условите за образование надвор од државата се далеку поквалитетни од тие што се нудат во нашата држава. Не само квалитетот на курикулумот, туку и начинот на кој што истиот се реализира. Ако дел од нашите професори се авторитативно настроени кон нивните студенти, нивните професори се секогаш пријателски настроени. Ако дел од нашите професори се недостапни за студентите, поради нели титулите што ги поседуваат, нивните професори се секогаш достапни, па дури и ако се вработени и на најдобро рангиран универзитет на цел свет, Универзитетот на Оксфорд. Во однос на вработување, платата на една работна позиција во странство може да биде еквивалентна на платата на претседателот на државата, како нели највисоката позиција во земјата. Тоа само по себе кажува се’”- додава Тефик Махмут.
Патот до потребните промени како што вели е долг и тежок, но и патот од илјада чекори, се почнува со првиот чекор. Промената на власта смета дека е првиот чекор со кој треба да се иницираат промени во различни сегменти од нашето секојдневие.
“Видовме од предходната владеачка гарнитура дека “надокнадувачката моќ” сама по себе е ефективна на краткорочен план, но ако се користи истата како алатка да се дојде и да се остане на власт, порано или подоцна ќе има бумеранг ефект. Како што впрочем го видовме тоа со предходната владеачка гарнитура. Но секако, имајќи ја во предвид социо-економската ситуација во Македонија, сеуште се користи таа надокнадувачка моќ како алатка да се дојде и да се остане на власт. Односно пазар помеѓу одредени лидери и нивните електорати во одредени подрачја во Македонија, каде што се ветуваат и доделуваат работни места како награда за нивната инволвираност, да не речам послушност. После секоја општествена промена, имаме ваккум простор што мора да се пополни со различен калибар на “лидери” , да не речам секаков калибар на лидери. Тоа го видовме на сегашните локални избори. Што патем беше една од причините поради која се решивме да не бидеме инволвирани, покрај тоа што водевме на сите официјални анкети, и тоа со голема разлика”- објаснува Махмут.
Со политиката како што вели се добива моќ, но и голема одговорност.
“Времето ќе покаже дали ќе видиме нова или веќе гледана епизода на македонската политичка сцена. Некогаш интегритетот и моралните вредности што ги поседуваме не треба да се компензираат за определена политичка позиција. Конзистентноста и интегритетот се најважните карактеристики што секој еден од нас треба да ги поседува, бидејќи за жал како сончогледите ги менуваат своите позиции во зависност од положбата на сонцето, така некои ќе ги менуваат своите политички убедувања во зависност од владеачката гарнитура”- завршува Тефик Махмут.
Ваквата состојба вели можат да ја подобрат само добро осмислени и неизбрзани одлуки кои ќе го подобрат животниот стандард на граѓаните кои пак нема да чекаат од еден до друг изборен циклуз за да обезбедат пристојно место за живеење, вработување и достоинствен живот.
С.Б.