Економија, финансии, бизнис

Контакт

Тажно е за новинарите, но пропагандата умира кога не е на власт...

Тажно е за новинарите, но пропагандата умира кога не е на власт...

Одлуката за затворање на првиот приватен весник “Дневник”  е тажна, но очекувана. Не се затвори само еден весник, туку воопшто ќе изумираат и весниците во Македонија. Десетина новинари остана без разбота и уште толку семејства ќе станат социјални случаи. Со судбината на вработените си поигра власта на Груевски која за единаесет годишното владеење  ги стави добар дел од медиумите под нејзина контрола и ги злоупотреби по секоја цена да ја заддржи  власта- вели за Фактор, Насер Селмани –претседател на Здружението на новинари.

“Одлуката е очекувана поради начинот како беа раководени весниците на МПМ. Ако весниците ги претварате во пропагандна машинерија на некоја власт, тие изумираат заедно со неа кога таа ќе замине во опозиција. Се поиграа сопствениците на МПМ, нивните менаџери и уредници, кои му го дозволија тој луксуз на Груевски да си поигрува со кредибилитетот на весниците за политички интереси. И секако најпосле, ваквиот развој на настаните го дозволија и самите новинари, кои се помирија со инструментализацијата на весниците за политичка пропаганда само да ги задржат нивните работни места.

Епилогот вели Селмани беше општа загуба, сите изгубија, Груевски ја изгуби власта, сопствениците ги уништија весниците и бизнисот, а новинарите ги изгубија работните места, достоинството. Примерот на весниците под капата на МПМ според него покажува како не треба да се водат медиумите во една демократска земја.

“Ова е добра лекција за новата власт, која треба да го напушти овој систем и да изгради нов, заснован врз основните демократски начела на едно слободно општество. Затварањето на МПМ е добра поука и за сопствениците на медиумите. Тие мора да го напуштат постојниот коруптивен систем на работење и да најдат нови бизнис модели. Тоа значи дека иднината на медиумите треба да се бара на пазарот и преку враќање на довербата на корисниците. Уредниците мора да сватат дека новинарството не е пропаганда и мора да водат сметка за примена на основните професионални стандарди на новинарството. И новинарите мора да разберат дека по секоја цена не треба да бидат новинари. Мора да имаат црвени линии кои нема да ги преминат и по цена да изгубат работа. Ако медиумот промовира непрофесионално новинарство, треба да се има доблест да се напуштат таквите медиуми”-потенцира Селмани.

Новинарите вели дека не смеат да станат заложници на интересите на власта и на сопствениците и на менаџерите на медиумите само  со единствена цел да го сочуваат работното место. Резултатот од агонијата низ која со години минуваа овие весници  е типичен пример како тие се жртвуваа како топовско месо за политичките и бизнис интереси на власта и на сопствениците на медиумите.

“Не смеете да станете заложник. Ако еднаш направите компромис, на крај губите се, и работа, и достоинството и вашиот интегритет како новинар. Најмногу од се ја губите добербата на вашите читатели или гледачи. Весниците на МПМ немаа уредувачка политика, тие само беа слепи следбеници на партискиот ПР на ВМРО-ДПМНЕ. Секако тука помогнаа и некои уредници, кои повеќе беа послушници отколку  новинари. Некои мои колеги го жртвуваа дури и професионалното достоинство заради интересите на партијата и нивните лични интереси”- додава претседарелот на Здружението на новинари.

Состојбата во новинарството како што вели е далеку од розова, треба многу работа за враќање на довербата на граѓаните кон вистинските вредности во медиумите, доверба во информацијата која се пласира до читателот и гледачот, доверба во системот. Оттука Селмани со оптимизам порачува дека  турбулентните случувања во пишаните медиуми под капата на МПМ ќе бидат пример преку  кој сите ќе разберат дека партиското новинарство е минато и не може да се реклицира во било кој форма.

С.Б.

Слично

Поврзани вести