ТАТКОТО ТЕПАЧ НА ФУДБАЛЕРИ СЕ ГОНИ ЗА „НАСИЛСТВО“: МВР вели дека го обезбедувале натпреварот по претходен План
Полицијата констатирала дека само четириесет и тригодишниот А.А. од Скопје, татко на фудбалер од младинците на ФК Шкупи удирал по фудбалерите од ФК Брегалница, велат од Министерството за внатрешни работи за Фактор.
Од таму посочуваат дека денеска ќе биде поднесена кривичната пријава, под сомнение дека А.А. сторил кривично дело „насилство“.
„Против лицето А.А. денеска (25.08.2025), до ОЈО Штип ќе биде поднесена кривична пријава поради постоење на основи на сомнение дека сторил кривично дело “Насилство” предвидено и казниво по чл. 386 ст.4 в.в. со чл. 1, 2 и 3 од Кривичниот законик на РСМ и во текот на денот лицето ќе биде изведено пред Судија на претходна постапка. На фудбалскиот натпревар преземани се соодветни мерки и активности од страна на полициски службеници од СВР Штип во согласност со претходно изготвен План“, велат од МВР за Фактор.
Иако на видеото се гледа како толпа луѓе влегуваат на теренот, сепак, според СВР Штип, тие не сториле никакво кривично дело.
„На фудбалскиот натпревар биле присутни и други родители на фудбалерите, но по преземените сеопфатни мерки од страна на СВР Штип, не е констатирано дека некој од нив сторил кривично дело. СВР Штип ги презема сите мерки и активности за целосно расчистување на настанот. За сите лица за кои ќе се утврди дека сториле кривично дело или прекршок, ќе бидат поднесени соодветни пријави согласно законските прописи“, ни одговори Министерството за внатрешни работи.
Со соопштение се огласи и Флорим Муча, директор на ФК Шкупи, со став дека клубот „целосно се оградува од неспортските настани во Штип“.
„Фудбалот не е и не смее да биде арена за физички пресметки, туку поле каде што се судруваат талентот, тактиката и спортскиот менталитет. Како клуб со традиција и долга историја во нашата земја, ФК Шкупи апелира оваа ситуација да се надмине и вакви инциденти да не се повторат во иднина. Духот на фер-плејот и љубовта кон фудбалот секогаш треба да бидат над сè“, вели Муча.
Тој апелира до сите надлежни институции да ги преземат неопходните мерки врз основа на материјалите и фактите, со цел сите вклучени лица во тој инцидент да понесат одговорност за нивните постапки.
Александар Тодески
ПОВРЗАНО:
ОБВИНИТЕЛСТВО БАРА ПРИТВОР ЗА ТАТКОТО ТЕПАЧ НА ДЕЦА ФУДБАЛЕРИ - по инцидентот на стадионот во Штип
ЌЕ БИДЕ ПОВЕДЕНА ДИСЦИПЛИНСКА ПОСТАПКА ПРОТИВ ФК ШКУПИ: ФФМ го осуди инцидентот во Штип
ВИДЕО: ДВЕ ДЕЦА СЕ ВО БОЛНИЦА: Инцидент по натпреварот на младинските екипи на Брегалница и Шукпи
